Албанскиот боксер, Бесар Нимани, ноќеска бил убиен во германскиот град Билефелд, објави „Билд“, кој наведува дека тој бил застрелан додека излегувал од ресторан и дека неговата смрт е констатирана на лице место, а дека за тоа се уште никој не е уапсен.
Сведоците изјавиле дека кон него биле испукани десет куршуми и дека немало начин тој да се спаси. Полицијата трага по сторителите, а причините се уште не се познати. Нимани како дете се преселил со семејството во Билефелд и таму почнал да боксува, поради што добил германско државјанство. Според весникот, тој и претходно бил во слична ситуација, исто така во ресторан.
„Бесар, неговиот брат и уште еден пријател во август 2014 година почнале расправија со маж во турски ресторан во близина на главната железничка станица. Тој го удрил човекот со шише во главата, па извадил пиштол и пукал. Пет лица се повредени меѓу кои и боксерот. Насилникот е осуден на 18 месеци затвор, а во пресудата е наведено дека постапил во нужна одбрана“, се вели во текстот.
Нимани се натпреваруваше во супер-велтер категорија и имаше учинок од 26 победи и еден пораз, а не е активен боксер од 2019 година.