ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Таравари до фракцијата на Села: Ако одите сами на изборите, а не...

Таравари до фракцијата на Села: Ако одите сами на изборите, а не со ДУИ, јас ќе ви ги потпишам листите и ќе ставам печат

305

„Ние сме во коалиција Влен (Вреди), фракцијата која што произлезе од нас најверојатно ќе биде на заеднички листи со ДУИ. Ако решат дека одат со ДУИ бидејќи ги немаат печатите на партијата, јавно кажувам дека сум подготвен да ги донесат нивните листи со имиња и презимиња, јас би ги потпишал и би ги однел во Државната изборна комисија“, изјави Таравари во вечерашното гостување во „Топ Тема“ на ТВ Телма.

Кандидатот за претседател на државата на опозициските партии на Албанците обединети во коалцијата „Вреди“ Арбен Таравари вели дека граѓаните уште од 2011 година гласаат против ДУИ, но партијата и понатаму опстојува на власт затоа што досега немало единство во редовите на опозицијата.

Таравари во вечерашното гостување во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма во овој контекст изјави дека да биле претходно заедно Алтернатива, Алијанса за Албанците и Беса, ќе ја победеле ДУИ.

„Опозицијата тогаш не можеше да се обедини, па и во 2016 година, па и во 2020 година. Да бевме Алтернатива, Алијанса и Беса заедно, ќе ја победевме ДУИ. Сега беше моментот и сега е моментот да ги донесеме промените во албанскиот блок“, вели Таравари.

Неуспехот на политичарите тогаш, според него не е неуспех на граѓаните, но сега, како што додава, успеале да се обединат, со исклучок на одредени фракции кои на изборите најверојатно ќе одат заедно со ДУИ.

Во врска со внатрепартиските превирања во Алијанса за Албанците, Таравари вели дека во Централниот регистар тој сè уште стои како претседател на партијата, а тоа го говорат и фактите и аргументите од Централното претседателство.

Разрешницата за внатрешните прашања во партијата треба да ја даде Управниот суд и според Таравари тој и неговите поддржувачи би прифатиле секаква одлука.