Ниту е грешна, ниту грешела. Тоа е така само во песната (Ако грешам грешна да сум јас), што ја испеа на фестивалот „Песна на летото“ (во Охрид) пред 15-ина години. Песната стана хит и остана да се слуша, стана евергрин. Ќе се слуша и уште долги години понатаму по нејзината смрт.
Славната Атина Апостолова почина завчера, во Скопје, на 78 години. Беше навистина голема пејачка со моќен, но воедно и мил глас, мила женичка во секој поглед. И без разлика на тоа што по професијата е дипломиран економист, песната низ целиот живот и беше прва љубов. Нема некој што не ја знае Атина Апостолова со се нејзините безвременски хитови: „Ако грешам грешна да сум јас“, „Пејте, пејте еј, мераклии“, „Усни румени“, “Цела вечер ќе ти пеам, а ти крши чаши“, „Верувај ми“, “Иле Илија“, “Те видов и се заљубив“, …..
Во приватниот живот со речиси сите беше пријателски расположена.
И како што напиша познатиот естраден новинар Тимчо Апостолов, таа пред сè беше голем човек, голем другар, за никој, никогаш, нема кажано ниту еден лош збор, па затоа сите ја сакаа и почитуваа, а публиката често ги слушаше нејзините песни.
Најчесто другаруваше со својата естрадна колешка, пејачката Вики Среброва. Веста за смртта на Атина ја објави (преку ФБ) токму Вики, која е во длабока тага по својата Тинче.
– Замина мојата Тинче. Тој ден уште од рано сабајле упорно ја барав по телефон, но не ми се јавуваше. Ме фати некој чуден страв, некоја пот, бидејќи ми дојде нешто многу сомнително. Секогаш ќе ми се јавеше после шесто, седмо ѕвонење. Сега, не. Веднаш, како фурија заминав кај неа дома. Срцето сакаше од градите да ми излета. Кога дојдов таму кај што живее Атина, а живееше на приземје, видов само дека телевизорот и е вклучен, а таа од никаде ја немаше. Пак ме фати блага паника. Сепак, после некое време одлучив да си заминав дома, мислејќи дека се е во ред, дека Тинчето си работи нешто по станот во другите соби, па ајде, да не бидам до толку здодевна. Имаше и такви ситуации. Но….нешто ме јадеше од вантре на душата. Бев во право. Подоцна ми се јави нејзината сестра која во присуство на полицијата го скршија прозорецот. Влегоа и Атина ја нашле почината, низ многу солзи раскажа Вики Среброва за весникот ВЕЧЕР.