ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Пендаровски: Ќе се зачленам во ВМРО-ДПМНЕ ако ги внесат Македонците во бугарскиот...

Пендаровски: Ќе се зачленам во ВМРО-ДПМНЕ ако ги внесат Македонците во бугарскиот Устав

591

Стево Пендаровски, откако ја доби поддршката на СДСМ во кандидатурата за втор претседателски мандат вечерва на Конгресот на партијата, истакна дека ,,доколку ВМРО-ДПМНЕ успеат да ги натераат Бугарите да го променат нивниот Устав и ако успеат Македонците да бидат признаени во Бугарија како малцинство, тој ќе биде првиот што ќе се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ”.

Станува збор за детски муабет, додаде Пендаровски.

Јас очекувам двојна победа, затоа што македонските граѓани знаат дека алтернативата на ова што го нудиме, со сите грешки што ги признаваме и за кои јавно сме се извинувале и ќе се извинуваме, е заробена држава, е малтретирање на администрацијата на оние кои не се нивни, криминал од енормни размери и тотална изолација на државата од евроатлантските интеграции, рече Пендаровски.

Тој додаде дека со алтернативата Македонија би била на маргините на Европа и никогаш не би станала дел од ЕУ.

Нивната теза е, прво ќе дојдеме на власт, ќе се обидеме економски да ја кренеме Македонија на здрави нозе и на странските амбасадори им велат, во втората половина од нашиот мандат ќе се обидеме со Бугарите да се договориме. На кој начин – на начин што ќе ги натераме Бугарите да го променат нивниот Устав, за да можат да бидат признаени нашите Македонци кои таму живеат. Јас од овде им велам, ако успеат да ги стават Македонците во Уставот на Бугарија, да ги натераат Бугарите да го променат нивниот Устав и ако успеат Македонците кои се таму во огромен број, да бидат признаени како национално малцинство, јас ќе бидам првиот кој ќе се зачлени во ВМРО-ДПМНЕ. И станува збор за детски муабет, рече Пендаровски.