ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Десет лица приведени во голема полициска акција за дрога низ Македонија

Десет лица приведени во голема полициска акција за дрога низ Македонија

227

Десет лица се приведени во полициската операција што спроведена денеска во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола.

Од МВР информираа дека разбиена е организирана група која делувала на неколку локации низ државата, а била инволвирана во организирање, набавка, продажба и пуштање во промет на марихуана.

Министерот Панче Тошковски објави дека подолг период се преземаат повеќе оперативно-тактички мерки и активности за сузбивање на групата.

„Денеска, полициските службеници од слобода лишиле 10 лица, од кои четири од Гевгелија, три од Струмица, две од Струга и едно лице од Демир Капија. Притоа, извршени се претреси на четири локации во Струмица, Струга, Гевгелија и Битола и обезбедени се материјални докази, односно пари и поголема количина на наркотична дрога која потекнува од правен субјект регистриран за извршување на дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија наменети за медицински цели“, рече Тошковски.

Приведените лица ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, пронајдената дрога ќе биде дадена на вештачење, а по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена кривична пријава по член 215 став 3 од Кривичниот законик – „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори”.