Од денеска престанува да важи мерката за гарантирана цена на голем дел од прехранбените производи, безалкохолните пијалаци, а истекува и рокот на владината одлука со која беа намалени увозните давачки за зеленчукот. Граѓаните со кои поразговаравме велат дека не очекуваат да поскапат производите.
Од ДПИ велат дека во текот на вчерашниот ден извршиле надзори низ цела територија на Македонија во поголемите ланци на маркети, со цел да се утврди дали се почитуваат антикризните мерки за намалување на цените. Надзорите се пообемни и ќе траат 3-4 дена, а од првичните информации било утврдено дека има прекршоци, но од ДПИ посочуваат дека ќе почекаат да завршат надзорите во целост, па да ги соопштат конечните податоци.
„Во повеќе наврати потенциравме дека како институција немаме надлежност да влијаеме врз формирањето на пазарната цена, која е исклучиво слободна волја на трговците. Но исто така трговците треба да бидат општествено одговорни и да ги прилагодат цените на стандардот на граѓаните, а како што се утврди во изминатиот период, освен намалувањата на производите опфатени со Одлуките, беа воведени и намалувања на цените кои не беа опфатени со антикризните мерки. Граѓаните ги охрабруваме и понатаму да пријавуваат неправилности во ДПИ. Она што понатаму ќе контролираме во маркетите е дали се придржуваат до одредбите од Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, односно ќе утврдуваме дали соодветно се води трговска евиденција, дали потрошувачите се евентуално доведени во заблуда (една цена на рафт, друга на каса, реалност на попустите, и сл.).“ – велат од ДПИ.
Од Министерство за економија велат дека нема да се продолжи мерката туку ќе се чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој треба да се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
„Очекуваме ова законско решение кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаме да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да с енамалат цените на прехранбените и земјоделските производи.“ – велат од Министерство за економија.
Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи во декември 2023 година беше усвоен од Владата и доставен до Собранието, на потег се пратениците.