Се сеќавате ли дека пред 8 години во Штип почна да се гради нов Клинички центар. И уште се гради…
Во сега веќе далечната 2016 година, беше поставен камен темелник од страна на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Проектот требаше да биде на површина од 34.000 метри квадратни, изградбата да чини 30 милиони евра, додека целата инвестиција со опрема, да изнесува 56 милиони евра.
Сегашната влада на СДСМ и на ДУИ тој проект го наследи и даде ветување дека ќе го заврши. Се променија голем број на министри за здравство, имаше и повеќе премиери, кои при секое гостување во Штип и истокот го најавуваа овој Клинички центар, но на дело ништо од тоа.
Целиот источен регион е „отсечен“ од здравствени услуги, барем онакви какви што треба да има секој граѓанин на оваа државата.
На оваа тема побаравме мислење од директно засегнати од неизградениот Клинички центар. Меѓу нив и Никола Арсовски, кардиохирург, кој работи во болницата во Штип.
-На 3 март 2016 година се стави камен темелник на новиот клинички Центар во Штип. Ветија дека ќе има нов клинички до 2018 година, но еве денес сме 2024 година и нема ништо. Ветуваа нова болница, а денес по толку години работиме во истите услови, или во неуслови. Многу од апаратите не се или не биле по половина година-година расипани. Оттука пациентите мора да ги праќаме за Скопје, и тоа за магнет, за компјутер. И на почеток на годинава и нам ни рекоа дека месецов во февруари ќе стартува постапката, но тоа е долг рок, многу се доцни, вели Арсовски.
Разговаравме и со повеќе граѓани на оваа тема, Апостол Влахов раскажа дека во неговата фамилија имало случај со тешко болен пациент.
-Сите ние од Штип, ама и од целиот Источен регион имаме проблем. Не можеме да добиеме здравствена услуга, или не препраќаат или треба да чекаме. Ни велат изборот е наш. Знаете во моето семејство стануваше збор за тешко болен и сега како да го правиме транспортот надвор од Штип, знаете за колку прегледи станува збор, тоа е тешко и не издржливо, рече Апостол.
Виолета Манасијевиќ пак се присети на целиот тој процес, таа вели:
-Јас многу добро ги паметам сите ветувања, но освен ветувања нема ништо друго. Се мачиме, а се мачат и лекарите. И да сакаат да помогнат не можат секогаш, ако е расипан апарат или слично. Секој ден слушаме како се трошат пари за неважни работи, а здравството пропаѓа. Ако може да има за друго пари, мора и за здравството. Тоа е основно нешто. И еве пак ќе ве прашам зошто не можеше да се изгради таа нова болница овде во Штип, за неа се зборува од многу одамна, се зборува веќе 6-7 години, ни одговори Виолета на прашањето за болницата.
Помина мандатот на оваа Влада, жителите на Источна Македонија очекуваат промени и нова власт која ќе го догради и стави во функција Клиничкиот центар.