ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Жена болна од рак пријавила дека доктор во битолската болница ѝ барал...

Жена болна од рак пријавила дека доктор во битолската болница ѝ барал 350 евра мито за да ѝ даде хемотерапија

3059

Штотуку оперирана онколошка пациентка во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, минатата недела кај директорката на болницата доктор Елизабета Ивановска, писмено пријавила дека нејзиниот онколог од болницата ѝ побарал 350 евра мито за да ѝ даде хемотерапија. Според пријавата, не станува збор за биолошка терапија, ниту за зрачење, туку за обична хемотерапија, за која пациентката пријавила дека не можела да ја добие после операцијата, бидејќи докторот прво барал пари. Директорката Ивановска вели дека за конкретниот доктор ова е прва таква пријава, но и дека „секој може да си рече сѐ“.

– Пациентот напиша дека докторот побарал, ама така може секој да си рече. Веќе побаравме од докторот и тој да даде писмена изјава. Сега случајот е само на „ти реков-ми рече“, изјави за „Слободен печат“ директорката Ивановска.

Таа додаде прво треба да се види што ќе одговори тој на обвинувањата, а потоа ќе се размислува за наредните чекори.

– Ние му испративме барање на докторот писмено да ни даде изјава и ќе имаме дисциплинска постапка, ама прво да видиме тој што ќе напише. Како што кажува пациентот, не зел пари, туку само побарал. Ова е само пријава на пациентот и се однесува наводно за започнување со хемотерапија после операција. Според кажување на пациентката сумата што ѝ била побарана е 350 евра, така пријавува. Станува збор за повозрасна пациентка од околу 70 години, додаде Ивановска.

Од болницата ни испратија писмен допис дека после добиена поплака од страна на пациент и неговото семејство во Одделението за онкологија со палијативна терапија и рехабилитација болницата постапила согласно законските регулативи.

„Побарана и добиена е изјава од лицето за кое се однесува поплаката. Покренат е предлог за дисциплинска постапка. Ние како Клиничка болница немаме методи да ја провериме веродостојноста на пријавата како и изјавата на лицето вработено во Одделението за онкологија со палијативна терапија и рехабилитација и од тие причини како понатамошен чекор испратена е пријава до надлежниот орган, како истите би можеле да постапат во рамките на својата надлежност“.

„Слободен печат“ се обрати во Државниот здравствен и санитарен инспекторат и оттаму добивме одговор дека немаат примено ваква пријава.

Извор: Слободен Печат