ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Таравари: Mожете да ме убиете, но промените почнаа и ништо не може...

Таравари: Mожете да ме убиете, но промените почнаа и ништо не може да ги спречи

360

Можете да ме убиете, но промените веќе почнаа и ништо не може да ги спречи. Првиот човек на Алијанса откако доби закана во вид на куршум пред неговиот дом, вели дека му е жал што неговото семејство мора да ги трпи заканите поради неговата одлука да му се приклучи на опозицискиот блок.

Вели, ги жали тие политичари за кои единствениот аргумент е куршумот..

– Кој и да го испука куршумот, ви велам дека дури и да стрелате со тешка артилерија промените се почнати и ништо не може да ги запре. Можете да ме убиете, и тоа ќе биде голема загуба за моето семејство и жал ми е што моите деца го читаат ова… но, ќе убиете само еден човек. Што ќе правите со стотиците, илјадниците и милионите луѓе кои веќе се кренаа на нозе? – вели Таравари.

Полицијата изврши увид, а сега го вештачи куршумот, калибар 7,62 милиметри кој беше пронајден пред домот на Таравари.

Првиот човек на Алијанса доби поддршка од Европскиот сојуз за промени. Оттаму прстот го вперуваат кон ДУИ и бараат заканите против Таравари веднаш да бидат расветлени.

– Криминализираната власт, сега поддржана и од Зиадин Села, продолжува со стилот на закани и убиства кон сите кои ја загрозуваат нејзината позиција во Владата. Денешната случка, каде во дворот на куќата на Арбен Таравари му беше оставен куршум, докажува дека ДУИ и Зиадин Села како партнери на СДСМ немаат ништо заедничко со Европа и нејзините вредности. Ги разоткрива и проруските и просрпските политики. Денешната закана против Таравари докажува дека оваа влада спроведува антиевропски акции. Познати се само Владимир Путин и Александар Вучиќ кои се закануваат во ваков стил, велат од Европскиот сојуз на промени.

Инцидентот со лидерот на Алијанса е втор во партијата за само неколку часа. Синоќа по прес-конференцијата на Села со која тој побара одговорност од Таравари, физички бил нападнат и директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, кој важи за близок соработник на Села.

Тој се сомнева дека инцидентот е испровоциран од крилото на Таравари.

Во, меѓувреме генералниот секретар на Алијанса, и министер за правда Лога, кој инаку е дел од крилото на Села, повика на смирување на страстите и ги осуди и двата инцидента, а повика и на ниво расчистување.

„Можеме да имаме недоразбирања и несогласувања, но воопшто не треба да се оддалечиме еден од друг од нашата заедничка куќа. Додека сите заедно се трудиме да го изнајдеме правиот и вистинскиот пат, повикуваме на самоконтрола и смиреност. Ние сме поминале многу настани заедно, како радосни така и тажни. Заради тоа апелираме и да ни се разделат нашите патишта, тоа да го направиме како цивилизирани и семејни луѓе“.

Загрижен за настаните во Алијанса е и поранешниот премиер и лидер на СДСМ Ковачевски.

Партиски извори од Алијанса стравуваат дека ова нема да бидат единствените инциденти меѓу сопартијци што припаѓаат на различните крила, но велат дека до партискиот состанок во сабота работите можат и да се смират.