ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Поради штрајкот на ФЗО, дел од пациентите за операција на срце оставени...

Поради штрајкот на ФЗО, дел од пациентите за операција на срце оставени на цедило – се е одложено?!

340

Фондот за здравствено осигурување ќе го намалува бројот на кардиохируршки интервениции во приватните клиники „Жан Митрев“ и „Систина“ за осигурениците кои досега на државна сметка можеа да се оперираат и лекуваат таму, пренесе „А1он“.

ФЗО му предложи на Управниот одбор Предлог за утврдување максимален број извршени здравствени услуги (пакети) од болничка здравствена заштита од областа кардиологија и кардиохирургија за 2024 година.

Од кардиохируршките интервенции на фондовска сметка, приватните клиники извршуваа операции на аневризма на аорта, замена на валвула, вградување на стентови. Ова се прилично скапи операции, но е намалено времето на чекање кај пациентите на кои им требаат итни интервенции и кои не можат да си дозволат да се оперираат на приватно.

Својот предлог за намалување на овие интервенции ФЗО го правда со тоа што смета дека најголемиот дел од интервенциите можат да се изведуваат на Универзитетската Клиника за државна кардиохирургија и на Клиниката за кардиологија, како и на Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија, како и со фактот дека за овие процедури се користат скапи материјали за вградување.

„При изведувањето на овие процедури се користат скапи материјали за вградување (стентови, валвули), како и скап потрошен материјал за извршување на интервенциите (катетери, водичи на жици и сл.). Оттука произлегува потребата од дефинирање на максималниот број на овие процедури и здравствените установи каде што ќе може да се изведуваат процедурите“, стои во Предлогот.

ФЗО предлага Управниот одбор да донесе одлука со која ќе се обезбедат средства за максимално 157 здравствени услуги за трансаортална имплементација или репласман на валвула, ендоваскуларна поправка на аневризма на торакална аорта со еден или два стента, ендоваскуларна поправка на аневризам на абдоминална аорта со стент, хибридни процедури на срце и големи крвни садови, замена на аортна валвула и поставување уред за механичка потпора, односно вградување помошен уред за поддршка на срцева работа.

Од овие 157 интервенции, ФЗО предлага 131 здравствена услуга на пациентите да им се пружа на државните клиники за кардиохирургија, кардиологија и торакална и васкуларна хирургија.

Приватните клиники, „Жан Митрев“ и „Систина“ ќе добијат 26 интервенции покриени од Фондот за здравство.

„А1он“ испрати прашања до Фондот за здравствено осигурување за тоа зошто сака да ги намали интервенциите во двете приватни клиники, дали државните клиники имаат таков дневен капацитет каков што имаат приватните клиники и дали пациентите сега ќе чекаат подолго за операција, но конкретни одговори нема.

Целиот текст на А1он – клик ТУКА.