Седумнаесетгодишниот Ѓорѓи Николовски го фати осветениот крст во водите во реката Вардар во Скопје.
„Здравје, среќа…Господ е голем, Господ гледа се. Да се обедини македонскиот народ и се најдобро“ порача момчето.
Оваа година беа пријавени 157 граѓани, кои влегоа во водите на Вардар. Не беше лесно да се плива во надојдениот Вардар, бидејќи водата им го отежна пливањето на скокачите. Спасувачките екипи имаа полни раце работа – ги извлекуваа со чамци и јажиња од водите
Претходно поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан ги освети водите на Вардар
Одбележувањето на празникот Богојавление-Водици започна во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ со која чиноначалствуваше архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.
По завршување на литургијата, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка се упати кон мостот „Слобода“.
На чинот присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски.