ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Божиновска: Берлинскиот процес ја забрзува енергетската и економската интеграција на Западен Балкан

Божиновска: Берлинскиот процес ја забрзува енергетската и економската интеграција на Западен Балкан

20

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува на состанокот на министрите во рамки на Берлинскиот процес, кој годинава се одржува во Лондон, под покровителство на Обединетото Кралство и Европската Унија. Настанот претставува клучна иницијатива за регионална интеграција и економски развој на земјите од Западен Балкан.

Во своето обраќање, министерката Божиновска истакна дека Македонија е целосно посветена на зајакнување на економската и инфраструктурната соработка со земјите од регионот, како и на создавање услови за слободен проток на стоки, услуги, капитал и работна сила. Таа нагласи дека ова е суштинскиот пат кон поголема конкурентност, повеќе инвестиции и стабилен економски раст.

„Берлинскиот процес е двигател што ги обединува земјите од регионот и европските партнери со заедничка цел – подобар животен стандард, силна економија и побрза интеграција во европското семејство,“ рече Божиновска.

Во фокусот на состанокот се зелените и дигиталните инвестиции, подобрувањето на регионалната поврзаност во транспортот и енергетиката, како и усогласувањето со европските стандарди и регулативи.

Министерката подвлече дека Берлинскиот процес не е само политичка декларација, туку реален механизам што носи конкретни резултати за граѓаните – преку создавање подобри услови за бизнис, забрзување на зелената транзиција и зајакнување на инфраструктурната поврзаност.

Со активното учество на Македонија во овие иницијативи, земјата ја потврдува својата подготвеност и амбиција за целосна интеграција во европските економски и енергетски текови.