
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вечерва се сретна со жителите на Драчево – местото кое, како што рече, отсекогаш му било „вистински дом и извор на инспирација“.
Во емотивно обраќање, Ѓорѓиевски истакна дека Драчево и Кисела Вода секогаш ќе имаат посебно место во неговото срце, а токму од таму ќе започне новата победничка приказна за современо, достоинствено и функционално Скопје.
„Каде и да одиш, никогаш не заборавај од каде си тргнал. Вечерва сум меѓу моите драчевчани, меѓу луѓето со кои сум израснал, со кои споделувам исти вредности и иста љубов кон нашиот крај,“ изјави Ѓорѓиевски.
Тој ги претстави и клучните инфраструктурни проекти кои ќе ја подобрат сликата на овој дел од градот, меѓу кои се:
целосното довршување на булеварот „Борис Трајковски“;
реконструкција и покривање на Усјанскиот канал, со што ќе се реши деценискиот проблем со инфраструктурата;
пробивање и поврзување на улиците „Есенинова“, „Димо Хаџи Димов“ и „Народни Херои“;
изградба на нова катна гаража;
како и реализација на низа дополнителни проекти што ќе овозможат подобро секојдневие за жителите на Кисела Вода и Драчево.
„Со поддршка од Градот Скопје, ќе ги реализираме сите овие проекти кои ќе донесат ред, функционалност и достоинствен живот за граѓаните. Благодарен сум за љубовта и поддршката што секогаш ја добивам од вас – мојата најсилна потпора,“ порача Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека неговата визија за Скопје се темели на љубовта кон луѓето и заедниците што го изградиле градот, и дека токму таму – во Драчево и Кисела Вода – започнува патот кон новата победа.
„Љубовта кон Кисела Вода и Драчево засекогаш ќе остане во мене. Сега одиме во нова битка за подобро Скопје!“ – заврши Ѓорѓиевски.






