ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Два угостителски објекта во Скопје пуштале музика во денови на жалост

Два угостителски објекта во Скопје пуштале музика во денови на жалост

10

Полицијата лиши од слобода двајца скопјани на возраст од 26, односно 22 години, затоа што како одговорни лица на угостителски објекти во Скопје, на подрачјето на Центар, пуштале музика за време на денови на жалост. Тие се сомничат за кривичното дело „организирање отпор“, односно непослушност кон законити одлуки или мерки на државен органи, што според Кривичниот законик се санкционира со парична казна или затвор до три години.

-Во текот на вчерашниот ден, во угостителски објекти каде тие се одговорни лица, била пуштена музика, односно не била почитувана одлуката на Владата за седумдневна жалост. Веднаш е постапено од полициски службеници на СВР Скопје и одговорните лица се лишени од слобода, а по документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави во врска со чл. 387 од КЗ, соопшти МВР.

По големата трагедија во Кочани, каде животите ги загубија 59 млади луѓе, се активираа и општинските инспектори кои започнаа контроли во објектите под локалана надлежност. Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски вели дека веќе закажал седница на УО за в понеделник, кога ќе се прецизираат сите детали околу овие надзори на општинските инспекторати и ќе се договори меѓуопштинска соработка.

-Сите наши инспекциски служби во координација со централните институции вршат проверки на објектите од јавен карактер . Овие се вонреден инспекциски надзор. Во понеделник свикав и седница на УО да се избрифираме. Она што ќе го правиме во наредниот периодо ќе биде проверка на сите локали во општините. Онаму каде нема доволно инспекторски служби ќе си помагаме со меѓуопштинска соработка. Токму една од темите на УО на ЗЕЛС ќе биде и тоа, вели Орце Ѓоргиевски, претседател на ЗЕЛС.

Општините се жалат дека постои неусогласеност меѓу повеќе закони што создава проблеми при нивната примена. Георгиевски вели дека токму овие законските недоречености ќе се најдат на дневен ред на седницата во понеделник, а ќе се бара од пратениците да ги преточат во нови законски решенија.