
Пејачката Тијана Дапчевиќ ја откри моменталната состојба на музичарот, пренесува српски Ало.
– Владимир Блажев Панчо е надвор од животна опасност фала Богу и последната информација што ја добив е дека се опоравува. Се уште е критично, но се опоравува – потврди Дапчевиќ, пренесува Ало.
Потсетуваме, трагедијата во Кочани што ја зави цела Македонија во црно се случи ноќта помеѓу 15 и 16 март околу 03.00 часот наутро.
Трагедијата се случи на концертот на ДНК, кога пиротехниката го зафати и запали кровот, по што пожарот се прошири за само неколку минути, а од досегашната истрага, местото имало само една отворена врата.
Покрај Андреј кој загина на лице место во пожарот, и тоа откако се вратил за да им помогне на другите, згасна животот на уште седум млади музичари од групата ДНК. Меѓу настраданите лица од пожарот се и тапанарот Ѓорѓи Горгиев, клавијатуристот Филип Стевановски, гитаристот Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов, придружниот вокал Сара Пројковска, тон-мајсторот Игор Велков и битбоксерот Мартин Атанасовски кој исто така беше дел од ДНК.
Во страшната несреќа загинаа најмалку 59 лица, а повредени се речиси 200 кои моментално се наоѓаат на лекување во болници.