
Институтот „интерпелација” не важи за уставни судии, тоа е упад во самостојноста и независноста на Судот. Уставен им одговори на ДУИ откако „интегративците“ најавија интерпелации за нив во пресрет на седницата за Законот за јазиците.
Во реакцијата од Уставниот суд велат дека Уставот не предвидува никаква можност за разрешување на уставен судија ниту од страна на законодавната, ниту од извршната власт, а секоја постапка надвор од предвидените уставни одредби претсавува грубо кршење на Уставот, велат оттаму. Секој е должен да го почитува Уставот им порача Судотна сите државни органи.
-Уставот не му дозволува на Собранието на Република Македонија со законски решенија на било кој начин да влијае на надлежностите, начинот на избор, престанокот на функцијата на уставните судии. Овластувањето на Собранието завршува со моментот на избор на уставните судии. Институтот „интерпелација” предвиден во членот 72 од Уставот, во никој случај не се однесува и не може да се примени за уставните судии. Во спротивно, се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот од причина што на тој начин се прави упад во четвртата т.н.уставно-судска власт, во самостојноста и во независноста на Уставниот суд, велат од Судот.
Во меѓувреме власта очекува оставки од петтемина членови на Судскиот совет на кои им беше изгласана недоверба во Собранието и државниот обвинител Коцевски. Премиерот Мицкоски и денеска порача дека партиски луѓе не се потребни во судството.
-Последниот браник и цврст штит во моментот на поранешната влада на СДСМ и ДУИ се дел од судиите и дел од обвинителите меѓу кои е именуваното лице за коешто вие сега зборувате. Посебно би го потенцирал однесувањето на еден обвинител од пред неколку дена којшто одлучи наместо да биде обвинител и заштитник на владеењето на правото и правдата да биде верен слуга и измеќар на една партија којашто беше долги години на власт и дел од коалицијата во поранешната влада, изјави Мицкоски.
Прашана за став за случувањата во судството американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека сите процеси поврзани со интерпелациите на членовите на Судски совет мора да бидат согласно законските процедури, а САД одблиску ги следат состојбите.
-Не може да ги коментирам, ги следиме одблиску процесите. И процедурата во Собранието, исто и нивните изјави. И за секој од овие случаи најважно е да се следи законот и да се следи со почитување и транспарентност за да биде јасен пред сите кои ги набљудуваат (тие процеси), изјави Агелер.
Какви ќе бидат следните чекори на властите доколку петмината членови на Судскиот совет не си поднесат оставки откако не ги „преживеаја“ интерпелациите во Собранието не е познато, со оглед на тоа што гласањето на нивна недоверба не значи престанок на мандатот. Тие веќе писмено се изјаснија дека не чувствуваат морална и професионална одговорност и нема да си поднесат остаквка.