ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Дамева: Интерпелациите нема да го решат проблемот со судството, туку само ќе...

Дамева: Интерпелациите нема да го решат проблемот со судството, туку само ќе го продлабочат

43

Удар и упад на и во независната судска власт, од една страна или почеток на борбата против криминалот и корупцијата преку барање одговорност од структури во правосудниот систем, кои не направиле ништо за да ги спречат овие негативни состојби во општеството.

Ова беа аргументите што денеска можеа да се слушнат од двете страни на собраниската седница за интерпелација на петтемина членови на Судскиот совет, иницирана од пратениците на владејачкото мнозинство.

Како што е веќе познато мнозинството бара интерпелација на членовите на Судскиот совет Весна Дамева, Тања Чачарова-Илиевска, Муљазим Мустава, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

Интереплациите за кои попладнево почна расправата во рамките на 40. седница на Собранието се поделени во пет точки, односно за секој од петтемина на Судскиот совет пратениците ќе расправаат и ќе гласаат одделно.

Прва за која ќе треба да се изјаснат пратениците е онаа поднесена за членката и донеодамна претседателка на ова тело задолжено за избор, оценување и разрешување на судии, Весна Дамева.

Обраќајќи се од говорницата во пленарната сала на законодавниот Дамева, меѓу другото, кажа дека како што не одговарала на поединци од минатата власта, така не одговара и на поединци од оваа власт.

Во таа насока, кажа дека не дозволила притисокот и омаловажувањата на кои била изложена од оваа иста говорница да влијаат на нејзината чест и совест, но оти не можела да помине преку болката што тоа ја предизвикало врз нејзиното семејство.

-Се прашував дали може да се гази преку живи луѓе. Очигледно е дека желбата за власт е посилна од било какво чувство и било кое средство, рече Дамева.

Посочи дека најверојатно за последен пат стои пред пратенциите, бидејќи за девет месеци истекува нејзиниот мандат како член на Судскиот совет, но, оти денеска дошла во Собранието не за да се заштити себеси, туку да застане во заштита на владеењето на правото, Уставот и на судската власт и да се спротивстави на, како што кажа, дискриминаторскиот однос.