
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски денеска информираше дека вчера го добил предлогот за негово разрешување од страна на Советот за јавни обвинители и ќе се произнесе по сите точки во разумен рок. Сепак, истакнува дека она што го разгледал, во предлогот нема ниту една основа за утврдување на тешка дисциплинска повреда.
-(Владата) се повикува на истото што беше во медиумите во последниот период, рече Коцевски во изјава за медиумите.
Од Владата додаваат дека јавниот обвинител покрај правна одговорност, подлежи или би требало да подлежи и на поширока општествена одговорност, особено пред органот којшто го избрал, а пред сѐ пред граѓаните чии интереси треба да ги штити.
Според Законот за јавно обвинителство, Коцевски има право писмено да се признесе по предлогот за негово разрешување, како и да присуствува на собраниската седница на која треба да се расправа и одлучува по предлогот. Инаку, Советот на јавни обвинители има рок од 15 дена да даде свое мислење по однос на предлогот за разрешување на Коцевски, а согласно Законот за јавно обвинителство, овој рок може да биде продолжен за уште 15 дена ако има оправдани причини за тоа.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. Владата сака предвреме да биде прекинат мандатот на Коцевски, а причината за тоа е, како што велат оттаму, разочараноста од постапувањето надвор од законските надлежности, посочувајќи дека Коцевски незаконски именувал, вршител на должност на Вишото јавно обвинителство на местото на суспендираниот, Мустафа Хајрулахи.