
Улиците во Скопје продолжуваат да земаат жртви.. Овој пат настрада 77 годишен велосипедист, кој синоќа околу полноќ бил прегазен од страна на 26 годишен скопјанец под железничкиот мост на бул. Киро Глигоров и починал на самото место.
Возачот кој бил веднаш приведен не бил под дејство на алкохол, но, за дополнителни анализи земени му се и примероци од крв кои треба да покажат, дали 26 годишникот кој бил веднаш приведен ПС К.Вода бил под дејство на некои други супстанци.
-Патничко возило „митсубиши аулендер“ со скопски регистарски ознаки, управувано од К.В(26) од Скопје, удрило во велосипед, управуван од Б.К.(78) од Скопје. Од здобиените повреди, на местото починал велосипедистот Б.К. а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.-Гоце Андреевски – Портпарол на МВР.
Од обвинителството пак велат дека ги презеле сите дејствија за испитување на причините на несреќата и евентуална одговорност. Во меѓувреме, се прибираат снимки од околните објекти, возилото е пратено на вонреден технички преглед, а вештаците ќе утврдуваат и дали 26-годишникот возел побрзо од дозволеното. Инаку, загинатиот возел по коловозот, а според неофицијални информации, пред самиот удар се тетеравел. Сепак, засега останува мистерија, зошто 77 годишникот возел по коловозот, иако во тој предел има велосипедска патека.
Трагичниот настан се случил токму на ова место, загинатиот велосипедист возел во правец на Автокоманда, а во време на прегазувањето бил на коловозот, па засега останува мистерија, зошто истиот не се движел по велосипедската патека, која е веднаш над улицата.
Во меѓувреме, полицијата го приведе и 19 годишникот од С. Градец поради сообраќајна несреќа, во која загина 81 годишна охриѓанка, која се случи вчера попладне на автопатот Гостивар – Тетово. Со тешки повреди се здобиле уште двајца нејзини сопатници кои биле хоспитализирани на ургентниот центар во Гостивар.