
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изнесе сериозни закани предупредувајќи дека ако владата се обиде да го менува или допре Законот за јазиците, ќе биде спречено одржувањето на локалните избори и поставувањето на гласачките кутии.
Ахмети посочи дека Законот за јазиците не е исклучиво на ДУИ, туку е право на сите Албанци и мора да се зачува како таков, истовремено изразувајќи несогласување со било какви обиди за негово политизирање.
Од владеачката коалиција „Вреди“ пак порачаа дека Ахмети ја користи оваа закана како последна карта бидејќи, како што тврдат, знаат дека Албанците не им веруваат повеќе.
Во соопштението, тие истакнаа дека ДУИ нема ниту нови идеи, ниту програма.
И опозициската СДСМ, ја критикуваше ваквата позицијата на ДУИ.
Заменик-претседател на партијата, Сања Лукаревска, порача дека ДУИ мора да се помири со фактот дека се во опозиција и дека треба да делуваат како опозициска партија.
Според неа, нивното барање за диктирање на темпото на политичките процеси во земјата е неосновано и не може да го наметнат додека се во опозиција.