ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Ќе се видат или ќе се разминат Мицкоски и Мицотакис во Вашингтон?

Ќе се видат или ќе се разминат Мицкоски и Мицотакис во Вашингтон?

71

Ќе си подадат ли рака Мицкоски и Мицотакис на НАТО Самитот во Вашингтон, или само куртоазно ќе се разминат? И двете страни официјално тврдат дека билатерална средба не е предвидена, но не исклучуваат, тет- а тет разговор на маргините на Самитот.

Високи дипломатски извори од Грција за ТВ 24, брифираат, дека иако македонската страна не побарала средба со грчкиот премиер, која, велат, можела да се случи преку дипломатските служби, со политичка волја од двете страни, сметаат дека кратка куртоазна комуникација на двајцата премиери за време на Самитот би бил добар политички старт.

Портпаролот на грчката влада Павлос Маринакис, пак, денеска изјави дека грчкиот премиер Мицотакис, не се откажува Преспанскиот Договор да биде тема на НАТО Самитот.

– Ќе го покрене прашањето на највисоко ниво. Ќе го спомене Договорот што не се почитува, особено прашањето со сложеното име ерга омнес. Ќе спомене низа изјави што се спротивни на Договорот од Преспа, односно спротивно на она што е изгласано од двете држави, бидејќи како што сфаќате присуството на Северна Македонија на НАТО е резултат на овој Договор, но нашата соседна земја, не ја почитува ниту првата страница на овој Договор и е нешто за што се подразбира дека Кирјакос Мицотакис ќе го покрене. – вели Павлос Маринакис портпарол на влада на Грција.

Од македонска страна велат дека официјална Атина не побарала средба со премиерот Мицкоски, но дека тој и неговиот тим во Вашинготн се подготвени за дијалог.

– Подготвени сме да разговараме за сите прашања, вклучително и за исполнување на Преспанскиот Договор, за кој е веќе познато дека се почитува од македонските власти, но таков дијалог би бил добра прилика да се види кои работи ги исполнила и грчката страна во рамките на обврските кои се превземани со овој договор. Би било многу попродуктивно да се разговара за јакнење на економските односи меѓу двете земји и подобар живот за граѓаните отколку јакнење на политички позиции и насионалистички страсти. – велат од Владата на Република Северна Македонија.

Нема желба кај сојузниците во Воената Алијанса да слушаат и да дискутираат за билатералните прашања меѓу Скопје и Атина, тврдат експертите. Професорот Јоанис Армаколас од грчката фондација ЕЛИАМЕП, вели дека е можен само краток бриф-состанок меѓу двајцата премиери, за кој вели, дека нема да има суштински бенефит, затоа што довербата е на најниско можно ниво.