ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Герапетритис утре доаѓа во Скопје, Османи е домаќин на министерскиот самит на...

Герапетритис утре доаѓа во Скопје, Османи е домаќин на министерскиот самит на ПСЈИЕ

66

Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, утре ќе отпатува за Северна Македонија, каде што ќе учествува на Самитот и на Министерскиот самит на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, објави денеска грчкото МНР.

Престојот на грчкиот министер Герапетририс во Скопје доаѓа по заладување на македонско – грчките односи кои настапија веднаш по инаугурацијата на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова на 12 мај кога таа во заклетвата го изостави уставното име.

Грчката страна употребата на „Македонија“ го протолкува како кршење на Договорот од Преспа и грубо непочитување на меѓународен договор по кој, со промената на уставното име, Република Грција го отвори патот и државава стана членка на НАТО.

Настапот на претседателката Сиљановска Давкова предизвика потреси на грчката политичка сцена, па опозициската СИРИЗА го нападна премиерот Мицотакис и неговата владејачка партија Нова Демократија дека до крај не го испочитувале Договорот од Преспа па експресно ги поднесе на ратификација во грчкиот Парламент трите меморандуми од Договорот кои 5 години не беа доставени до пратениците, но владејчкото мнозинство се уште смета дека не е време тие да се стават на дневен ред.

Новата владејачка структура на македонската политичка сцена остана на ставот дека не го прекршува Преспанскиот договор во кој е дозволена употребата на придавката „македонски“ што одново ги раскара грчката власт и опозицијата за тоа колку бил „лош“ Договорот потпишан од Заев и Ципрас во 2018 година, но Нова демократија го прифатила и покрај негодувањата.

Мандатарот за состав на нова влада Христијан Мицкоски и денеска нагласи дека идната македонска влада ќе го почитува Преспанскиот договор, и дека нема дилема дека се што е дел од нашето законодавство, во Устав, се почитува во детали.

-Но истовремено очекувам и вториот потписник, а тоа е нашиот јужен сосед, да ги почитува. Креиравме документ колку е имплементрирано од наша страна, а колку е имплементирано од грчка страна, и планираме да го запознаеме секој оној којшто е љубопитен да знае колку двете страни го почитуваат билатералниот меѓународен договор, потенцира Мицкоски.

Грчкото МНР не соопшти детали од престојот на министерот Герапетритис во Скопје ниту за евентуални средби со македонскиот државен врв, а и министерот Османи на прес конференцијата не зборуваше за високиот гостин од соседна Грција, туку за присуството на неговата заменичка Александра Пападопулу.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во својство на Претседавач со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) утре ќе учествува на Годишниот состанок на Советот за Регионална соработка (РCC).

На агенда се годишниот извештај, Стратегијата ЈИЕ 2030, како и процедурата на избор на новиот Генерален секретар на Советот.