четврток, 28 септември, 2023

Протерување на руски свештеник од Македонија

Реакции за забраната за влез во Македонија за шефот на руското црковно подворје во Софија Васијан Змеев и во Бугарија.

Претседателот на Демократи за силна Бугарија, генералот Атанас Атанасов во изјава за БНТ вели дека Змеев доаѓал во Македонија да ги извршува функциите на руското разузнавање со цел да дојде до раскол во македонската црква. Тој го впери прстот во бугарските безбедносни служби и директно ги праша како други разузнавачки служби ја дознале информацијата пред нив.

– Нели и е срам на бугарската разузнавачка служба што мала Македонија со своите служби дозна дека рускиот свештеник кој живее во Софија и служи во руската црква се занимава со разузнавање во Македонија и го протерале од таму, а тој живее во Бугарија во удобност. – вели Атанасов.

Македонското МНР вчера ја потврди информацијата дека тројца руски дипломати се прогласени за персона нон грата, но не и дека меѓу протераните е и рускиот свештеник.

Инаку, како што пишува „Религија.мк“ станува збор за шефот на руското црковно подворје во Софија Васијан Змеев , кој изминатава година имал интензивни посети на земјава и зачестени средби со високи претставници на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Тој ја имал улогата на координатор на руските црковни политики на Балканот, со оосбено влијание во Бугарија и во Македонија. Според неофицијални информации на порталот, негова заслуга бил застојот во односите со Вселенската патријаршија за целосно признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА.

Неодамна и шефот на државата Пендаровски во емисијата Аргумент плус, на ТВ 24 , кажа дека македонските служби имале информации од партнерите во НАТО дека има налепени руски елементи и тоа во највисокото раководство на Синодот кои соработуваат со руските служби.

Инаку, вчера беше објавено дека македонското МНР протера тројца руски дипломати. Ваквата одлука била донесена по информации добиени од надлежните органи за превземени активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи на што официјална Москва порача дека ова е непријателски чин против имагинарната руска закана и најави дека ќе има одговор.

Коментари

коментари