четврток, 28 септември, 2023

Синот на Џо Бајден обвинет на федерално ниво поради нелегално поседување оружје

Обвинителите го обвинија помладиот Бајден дека лажел за неговата употреба на дрога кога купил пиштол „колт кобра“, во продавница за оружје во Вилмингтон, Делавер, во октомври 2018 година

Хантер Бајден, синот на американскиот претседател Џо Бајден, e кривично обвинет за неругаларно купување оружје. Тој се товари за три дела, а случајот против него го водат федерални обвинители. Обидите да се постигне спогодба со признавање вина не успаеле поради што дојде до кривичното гонење на синот на актуелниот претседател на САД.

Хантер Бајден е обвинет во Окружниот суд на САД во Делавер дека лажел за неговата употреба на дрога за време на купувањето пиштол „колт кобра“ во продавница за оружје во Вилмингтон, Делавер во 2018 година. Тој тогаш велел дека не страдал од зависност.

Поради тоа едното обвинение му е за поседување пиштол додека користел дрога, а другите две се за давање лажни изјави.

Две точки од обвинението се казнуваат со затвор до 10 години, додека третата носи затворска казна до пет години.

На сослушувањето тој е обвинет и за две помали дела – дека не платил повеќе од 100 000 долари данок на профит поголем од 1,5 милиони долари во 2017 година и во 2018 година.

Неговиот адвокат рече дека очекува фер одлука за петгодишната истрага против Бајден, врз основа на закони и докази и без политички притисок.

Хантер Бајден никогаш не бил на функција во Белата куќа, а не бил ниту дел од кампањата на неговиот татко.

Претседателот Бајден тврди дека не разговара за надворешни работи со својот син и дека Министерството за правда ќе има независност во истрагата за кој било член на неговото семејство.

Обвинението доаѓа два дена откако републиканците во Претставничкиот дом започнаа истрага за импичмент на Џо Бајден поради надворешните односи на Хантер Бајден.

Коментари

коментари