среда, 6 декември, 2023

„ТОА Е НАПАД НА БУГАРСКАТА ДРЖАВА“: Бугарско МНР ја повикало македонската амбасадорка за кражба на монитор

Ноќта меѓу 15 и 16 март 2023 година непознати лица упаднале во зградата на Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и одзеле монитор од компјутер од просторијата која беше отворена на 25 ноември 2022 година.

Министерството за внатрешни работи го потврди инцидентот.

„Денеска (16.03.2023) во СВР Скопје е пријавено дека во текот на ноќта со употреба на сила било влезено во два угостителски објекта и во објект на Културно-информативен центар на Република Бугарија, на подрачјето на Центар во Скопје, при што од угостителските објекти биле одземени пари, а од Центарот е одземен еден монитор од компјутер. Увид извршила екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.

Бугарското министерство за надворешни работи смета дека кражбата на монитор од компјутер е напад на самата бугарска држава, а директорката на дирекцијата за Југоисточна Европа, Вања Андреева ја повикала македонската амбасадорка во Софија, Ангеса Руси-Поповска за да и изрази загриженост затоа што делото се одвивало во контекст на тековна антибугарска кампања.


Коментари

коментари