„Нема потреба од паника поради можните прекини на струја оваа зима“
Ова го изјави Францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој изјави дека нема потреба од паника поради можните прекини на струја оваа зима и ги повика граѓаните да трошат помалку енергија.
Во интервју за француската ТВ станица ТФ1, Макрон негира дека причината за можните прекини на електричната енергија е несоодветното управување со програмата за рестартирање на нуклеарниот реактор на државната комунална компанија ЕДФ.
„Прво, да бидеме на чисто: нема паника! Легитимно е владата да се подготвува за екстремни сценарија во кои струјата би била исклучена по неколку часа на ден доколку нема доволно“, рече Макрон, а пренесе Скај.
Шефот на францускиот мрежен оператор RTE во четвртокот рече дека оваа зима може да има прекини на електрична енергија неколку дена и дека владата почнала да ги информира локалните власти како да се справат со ситуацијата.
ЕДФ неодамна имаше повеќе тешкотии со работата на нуклеарните централи, при што производството на енергија падна на најниско ниво во последните 30 години.
Ова се случи во време кога Европа се обидува да најде алтернатива за снабдувањето со руски гас, што беше прекинато од Москва како одмазда за санкциите на ЕУ воведени поради инвазијата на Украина.
Извор: Канал 5