Макрон во Ватикан на разговор со Папата за Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска беше примен од папата Франциск во Ватикан, по трет пат откако стана претседател, а разговорот главно бил посветен на војната во Украина.

Шефот на француската држава, кој беше во Ватикан придружуван од сопругата, разговарал со папата во аудиенција која траела речиси еден час.

Според Елисејската палата, разговорот бил фокусиран на меѓународната ситуација, а особено на Украина. Францускиот претседател зборувал за потребата од „верски дијалог“ и за „улогата“ што може да ја игра Католичката црква.

„Посебно внимание беше посветено и на регионот на Кавказ, Блискиот Исток и Африка“, се вели во соопштението на Ватикан.

Ова е трета аудиенција кај Папата за Емануел Макрон, по оние во јуни 2018 и ноември 2021 година.

Претседателот Макрон од неделата е во Рим, каде што одржа говор на отворањето на меѓурелигискиот мировен самит организиран од италијанската католичка заедница Сант Еџидио. Во понеделникот тој се сретна и со претседателот Серџо Матарела.

Вчера Макрон на конференцијата истакна дека верува оти постои можност за мир во Украина, но дека тоа може да се случи само кога Украинците ќе „одлучат“ да го сторат тоа и според „условите“ на Киев.

„Постои можност за мир, тој ќе се појави во одреден момент“, рече Макрон на конференцијата во Рим.

„И во одреден момент, со оглед на тоа како се развиваат работите, и кога украинскиот народ и нивните лидери ќе одлучат за условите, може да се постигне мировен договор со другата страна“, додаде Макрон.

Од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, папата Франциск не престанува да го осудува конфликтот додека се обидува да одржи дипломатски дијалог со Москва и Руската православна црква.

Францускиот претседател вчера вечер се сретна и со новата италијанска премиерка Џорџа Мелони, со што стана првиот странски лидер кој се сретна со шефицата на постфашистичката партија Браќа на Италија, победник на изборите во Италија во септември.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!