Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ги спореди институциите на Европската Унија (ЕУ) со советските трупи кои извршија инвазија врз неговата земја за време на револуцијата во 1956 година.
Во обраќањето пред приврзаниците по повод 66-годишнината од унгарската револуција, Орбан сугерира дека ЕУ, која се обидела да го запре демократскиот напредок на Унгарија, ќе заврши како Советскиот Сојуз.
„Да не се занимаваме со оние кои „пукаат“ во Унгарија од сенка или од бриселските „височини“. Тие ќе завршат таму каде што завршија нивните претходници“, рече Орбан.
Во Будимпешта и ширум земјата се поставени плакати со порака „Санкциите од Брисел нè уништуваат“.
„Војната е пред наши порти, финансиската криза и забавувањето на економиите во ЕУ, инвазија на мигранти од југ… Мора да се соочиме со многу проблеми“, рече Орбан.