понеделник, 28 ноември, 2022

(ФОТО) Во Грузија е пронајден човечки заб, стар 1,8 милиони години

Археолозите во Грузија пронајдоа заб стар 1,8 милиони години кој му припаѓал на видот на првиот хомо еректус, што ја зајакнува теоријата на научниците дека првите праисториски населби во Европа постоеле во тој регион, каде што тој пристигнал од Африка.

Забот е пронајден во близина на селото Орозмани, на околу сто километри југоисточно од грузиската престолнина Тбилиси, во близина на локацијата Дманиси, каде кон крајот на 90-тите и почетокот на 2000-тите биле пронајдени човечки черепи стари 1,8 милиони години.

Локалитетот Дманиси е најстарото такво откритие надвор од Африка и го промени научното разбирање за раната човечка еволуција и човечката миграција.

Најновото откритие, пронајдено на локација оддалечена 20 километри, дава дополнителен доказ дека планинскиот регион на јужен Кавказ веројатно ќе биде едно од првите места каде што се населиле човечките заедници по миграцијата од Африка, велат експертите.

„Орозмани и Дманиси се центри на најстарите човечки населби – раниот хомо еректус во светот надвор од Африка“, објави вчера Националниот центар за археолошки истражувања и праисторија во Грузија по пронаоѓањето на забот.

Георги Биџинашвили, раководител на научната археолошка група, смета дека забот припаѓал на „роднина“ на Зезва и Мзија, а така се нарекуваат двата комплетно фосилизирани черепи стари 1,8 милиони години пронајдени на локалитетот Дманиси.

„Важноста на ова откритие, е што потврдува дека луѓето ја напуштиле Африка пред 1,8 милиони години“, вели британскиот студент по археологија кој прв го ископал забот на локалитетот Орозмани.

„Тоа ја зацврстува Грузија како навистина важно место за палеоантропологијата и човечката историја воопшто“, рече тој.

Најстариот човечки фосил во светот е стар 2,8 милиони години и е дел од вилица пронајден на почвата на денешна Етиопија.

Научниците веруваат дека раните луѓе, хомо еректус, кои биле ловци-собирачи, веројатно тргнале од Африка пред околу два милиони години.

Древна алатка стара 2,1 милиони години е пронајдена во денешна Кина, но единствените остатоци од првиот хомо еректус надвор од Африка досега се пронајдени во Грузија.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!