недела, 25 септември, 2022

Одбележана годишнината од убиството на петтемина струмички студенти

Пред споменикот на петтемина убиени струмички студенти-Борис Белев, Мирко Пецев, Ѓорѓи Јармов, Ѓорѓи Костуранов и Стево Топчев, беше одбележана 71 годишнина од нивното убиство.

За животот и делото на петтемина студенти говореше Никола Андонов, претседател на Здружението на политички затвореници.

-Кога се зборува за струмичката студентска петорка пожелно е да се каже во кое време тие делуваа. Кои биле нивните визии, желби, идеи и изградена свест за македонска националност, самобитност и припадност. По завршување на Втората светска војна овие нивни напредни идеи и политички ставови ги принудиле како студенти да се вклучат во првите редови за изразување на незадоволството од таквата идеологија и политика на комунизмот.

-Во 1991 година Македонија стана независна држава и го донесе Уставот како темел за градење на правна, демократска и просперитетна држава, со заштитени граѓански права и желба да стане членка на НАТО и ЕУ, како што била и желбата на петте струмички студенти, истакна Андонов.

Пред споменикот на петтемина убиени струмички студенти цвеќе положија членови на нивните семејства, членови на Советот на општина Струмица, политички партии и здруженија на граѓани и претставници на државни институции.

Рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица читаа поетски колаж, а на гробиштата во Струмица беше одржана панахида за петтемина струмички студенти.

Петтемина студенти се убиени на 13 август 1951 година на планината Беласица наводно во обид нелегално да ја поминат границата и да побегнат.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!