петок, 29 септември, 2023

Како отровни печурки никнуваат бугарски културни центри – кога ќе биде отворен македонски културен центар во Бугарија?

По Ванчо Михајлов во Битола, Цар Борис III во Охрид и Богданци ќе добие бугарски културен центар и ќе го носи името на Цар Фердинанд. Ова го најави на друштвените мрежи Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“ од Софија.

Здружението Цар Борис III беше последното кое ја брануваше јавноста, откако Министерството за правда информираше дека за оваа историска личност од времето на фашизмот не дале согласност за употреба на името.

„До Министерството за правда не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети““, велат од Министерство за правда.

Од Централниот регистар информираа дека согласност дал роднина на бугарскиот Цар. Од Министерството за правда додаваат дека ваквата пракса ќе заврши по измените на Законот за здруженија и фондации на кои во моментот е ангажирана работна група.

„Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“, посочија од Централен регистер.

Од Еврејската заедница вчера реагираа на како што велат „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза“, а од здружението пак преку соопштение тврдеа дека не биле неонацисти и туку дека имале соработка со антисемитски движења.

Инаку и премиерот Димитар Ковачевски пред четири месеци најави отворање на македонски културен центар во Благоевград до крајот на годината. (!!! Скратена реченица)

„Планирам директно да го информирам премиерот Петков, дека во наредниот период планираме да отвориме нов културен центар во Бугарија, а името ќе го одредиме во координација со нашиот Институт за историја и почитувана Мизрахи, ќе ве повикам да дојдете со мене на отворањето“, вели Димитар Ковачевски.

Од Владата за ТВ21 велат дека остануваат на идејата за културен центар во Бугарија.

„Владата на Северна Македонија до крајот на годинава има намера да отвори нов културен центар во Благоевград, Република Бугарија. Напоменуваме дека во консултации со Институтот за национална историја, ќе го избереме името на културниот центар. Во меѓувреме ќе се прецизираат деталите“, велат од Владата за ТВ21.

Цар Борис Трети ја предводел Бугарија за време на Втората светска војна како сојузник на Нацистичка Германија. Честопати бил во официјални посети на Берлин каде се среќавал со Адолф Хитлер за што се уште постојат и видео докази, а за време на неговото владеење биле депортирани македонските евреи во Треблинка.

Извор: ТВ21

Коментари

коментари