Доларот повторно зајакна, агресивните зголемувања на каматните стапки на ФЕД се очекува да продолжат

На глобалните пазари, вредноста на доларот порасна во однос на кошничката валути минатата недела, по две недели пад, бидејќи најновите показатели даваат причини американската централна банка да продолжи со агресивно зголемување на каматните стапки во септември.

Индексот на доларот, кој го следи движењето на доларот во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела порасна за 0,64 отсто, на 106,58 поени, зајакнувајќи по две недели пад.

Од почетокот на годинава е зголемен за повеќе од 10 проценти.

Зошто доларот ослабе во последните две недели?

Најголем удар на минатонеделното зголемување на интересот за американската валута претрпе јапонскиот јен кој ослабе за 1,3 отсто во однос на доларот, на 134,97 јени за долар.

Истовремено, еврото ослабе во однос на доларот за 0,4 отсто, на 1.018 долари.

„Доларот ослабе во текот на изминатите две недели, бидејќи пазарите веруваа дека ФЕД ќе го олесни затегнувањето на монетарната политика во услови на забавување на економскиот раст.

Очекувајте натамошни зголемувања на стапките“, рече Сим Мох Сионг, валутен стратег во Банката на Сингапур.

Тоа го поткрепува и официјалниот извештај на американската влада, објавен на крајот на неделата, за растот на вработеноста во јули за 528 илјади и покрај рецесијата во САД во првата половина од годината.

Темпото на вработување ги надмина очекувањата, а вработеноста во најголемата светска економија расте 19-ти месец по ред.

Стапката на невработеност падна од 3,6 отсто на предпандемиското ниво од 3,5 отсто.

Најагресивното заострување на монетарната политика од 90-тите

Да потсетиме, во јули ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, втор месец по ред, на опсег од 2,25 до 2,50 отсто. Зголемувањето на каматните стапки за вкупно 1,5 отсто за два месеци претставува најагресивно заострување на монетарната политика од 1990-тите.

На овој начин ФЕД се обидува да ја потисне инфлацијата, која во моментов лебди на највисоките нивоа во последниве повеќе од 40 години, над девет проценти.

Во услови на агресивно зголемување на каматните стапки, доларот носи поголем принос во однос на другите валути, па затоа и побарувачката на инвеститорите за него расте.

Останува да се види дали ФЕД е успешен во напорите за ограничување на инфлацијата

Фокусот на пазарот сега е ставен на податоците за инфлацијата, кои ќе бидат објавени следната недела.

Учесниците на пазарот процениле дека годишната стапка на раст на потрошувачките цени во јули во САД изнесувала 8,7 отсто, по скокот од 9,1 отсто во јуни.

Овие податоци треба да покажат дали ФЕД е успешен во напорите да ја потисне инфлацијата преку агресивно зголемување на трошоците за задолжување и какви се изгледите за запирање на циклусот на затегнување на монетарната политика на почетокот на следната година.

„Стигнуваме до точка каде што податоците за инфлацијата достигнаа ниво на важност како Супер Боул.

Тоа само ни покажува со што се соочуваме ние и Банката на федерални резерви“, вели Мајкл Антонели, стратег во инвестициската компанија Baird.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!