Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на денешната заедничка прес-конференција со германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, порача дека во следните денови земјава има задача да донесе одлука дали ќе покаже мудрост и ќе стави крај на 17 годишните лавиринти во процесот на евроинтеграција на Северна Македонија и дали ќе покажеме обединетост без демагогија и национализам за идните генерации да ги уживаат европските вредности дома.
-Во следните денови имаме задача заедно да донесеме одлука дали ќе ставиме крај на лавиринотот и ќе покажеме мудрост. Покажавме силна посветеност во разговорите со Бугарија и во процесот на преговори бевме водени од интересот на граѓаните. Затоа сум горд што изнајдовме компромисно решение и што ќе започнеме преговори како Македонци кои говорат македонски јазик, истакна Маричиќ.
Маричиќ кажа дека историјата ќе биде оставена на историчарите и овие прашања не се дел од преговарачката рамка, а преговорите ќе ги започнеме со загарантиран идентитет и јазик без додавки. Тој воедно истакна дека секое одлагање и губење на време во ситуација кога земјава чека 17 години за започнување на пристапниот процес отвора простор за чекор назад, а сега не е момент за играње на картата на времето.
-Сега кога работите се поместени од мртва точка за Северна Македонија да биде на иста маса со развиените држави, потребна ни е рационална одлука. Сите македонски позиции и забелешки се опфатени. Треба да бидеме мудри и да не бидеме самите на себе бариера. Ни требаат државнички одлуки за да не испуштиме шанса која кој знае кога би ја добиле повторно, изјави Маричиќ.
На новинарско прашање за тоа кога би се донела конечната одлука, Маричиќ вели дека Владата го очекува крајот на консултациите кои се уште траат со сите политички чинители. Вели дека денеска ќе има разговор помеѓу координаторите на парламентарните групи а ќе се разгледаат и информациите за текот на преговорите кои ги водело Министерството за надворешни работи за одговорно да се настапи пред Европската Унија и Северна Македонија да го даде својот конечен став.