понеделник, 15 август, 2022

Поевтинува струјата за најголем дел од домаќинствата, богатите ќе плаќаат нешто повеќе

„Евтината струја“ сега е 3,67 денари за еден киловат-час, а со новиот ценовник од петок, таа ќе биде 0,6183 денари, и за неа не важат блок тарифи

Значително поевтина струја во ноќна тарифа од досега, но и пониски цени од досегашните за сите што трошат струја до 1.050 киловати во висока тарифа за еден месец, предвидува новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, а која во сила треба да стапи од петок.

Според новиот ценовник, еден киловат-час потрошена струја во висока тарифа во блокот до 210 киловати ќе чини 4.3543 денари, во блокот од 211 до 630 киловати цената е 4.693 денари за киловат, од 631 до 1.050 е 5.278 денари, а над 1.050 денари има цена од 14.0764 денари, што е двојно повисока од онаа што досега ја плаќаа овие корисници.

Имено, заклучно со утре за сите домаќинства има две тарифи: ниска и висока. Во високата тарифа, од 7 до 22 часот, цената е 7,32 денари за киловат-час, а во ниската тарифа која е секоја ноќ од 22 часот до 7 наутро, како и цел ден во недела, сега цената е 3,67 денари, а со новиот ценовник од задутре ќе биде 0,6183 денари, и за неа не важат блок тарифи!

Експертите велат дека во пониските блокови ќе влезат и оние што се греат на струја.

– Едно четиричлено семејство што се грее на струја на панели, во просек троши 1.100 до 1.200 киловат-часови месечно, а со инвертори од 800 до 850 киловат-часови, но сепак, тоа зависи и од изолацијата – изјави Бислимоски, но потенцираше дека ова е за вкупна потрошувачка, а блок тарифите се само за дневната струја.

Притоа, за секој важат сите тарифи истовремено, односно ако некој потроши 800 киловати само во скапата тарифа, за делот до 210 плаќа цена од прва тарифа, за делот од 211 до 630, се плаќа цената од втората тарифа, а за делот од 631 до 800 киловати – цената од третата тарифа.

Како што објаснија од Регулаторната комисија, концептот е вкупните приходи од продажбата на струјата на корисниците на регулираниот пазар да ги покријат трошоците и инвестициите на енергетските компании, но различни корисници да плаќат различно, согласно тоа колку трошат, односно да не се дозволи како до сега 17 отсто од домаќинствата да трошат 10 отсто од она што сите други го трошат, а да плаќаат субвенционирана цена од државата.

Сега , иако има раст на просечната цена на струјата, тој раст ќе го покријат големите трошаџии. Новата просечна цена за продажба на електрична енергија изнесува 4,3983 денари за еден киловат-час за планирана испорака од 4.160.577.137 киловат-часови електрична енергија за период од 1 јули 2022 година до 30 јуни 2023 година.

Во овој износ на планирани-киловат часови се наоѓаат и малите потрошувачи – разни фирми, околу 60.000, за кои исто така се утврдува регулирана цена. За нив, нема да има блокови, но и понатаму ќе има ниска и висока тарифа, така што високата тарифа ќе биде 13,7949 денари, а ниската 10,1161 денари за киловат-час. Досега имаше многу посложен начин за пресметка на струјата кај овие потрошувачи, имаше цени за прв тарифен степен, за втор тарифен степен, за прекувремено превземена рактивна електрична енергија…

Од Регултарорната комисија за енергетика алармираа дека во последно време се евидентирани многу злоупотреби од страна на фирмите, така што формирале нови фирми само за да го исполнат условот да влезат во регулираното тарифирање со пониски цени.

Извор: centar.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!