За прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот може да се разговара но тоа не е гаранција дека некоја наредна Влада во Софија ќе нема други барања кон нас. Ова го изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју на Алсат телевизија.
„Кој гарантира дека тоа ќе биде последното барање за отстапка од бугарска страна? Многумина ќе речат оваа бугарска влада тоа ќе го потпише и ќе рече понатаму нема да имаме барања од ваков тип. Од кого да бараме такви гаранции. Политика е ова. Ќе ви рече следната Влада ова што го потпишала претходната Влада тие биле предавници на нашата кауза не не интересира. И, не можеме да го отвораме Уставот по потреба секој понеделник“, вели Стево Пендаровски.
Токму ова го потврди и бугарската потпретседателка Илијана Јотова во саботата при посетата на Охрид. Таа рече дека нема да се тргне ветото за почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија, се до исполнување на сите нивни барања. Тоа го повтори и денеска.
„Бугарија има пет услови за Северна Македонија, кои се поставени одамна. Дури и кога стана јасно дека ништо не е сменето од потпишувањето на Договорот за добрососедство. Ниту после 18 состаноци на Мешовитата историска комисија ниту еден ред не е сменет во учебниците од кои се изучува во училиштата во Република Северна Македонија“, вели Илијана Јотова
Пендаровски вели дека сепак ние и натаму ќе продолжиме со преговорите и се надева дека нема да ни се случи повторно грчкото сцнарио.
„Ние формално, сите го знаеме тој одговор, кој и да е на власт ние ќе продолжиме со преговорите, разговорите и во следните 6 месеци и во следните 6 месеци. Јас се надевам дека нема да биде тоа грчко сценарио број 2 па да преговараме 20 и нешто години со Бугарите меѓутоа нашата стратешка цел е таа и ние досега покажавме дека сме подготвени и за тешки компромиси и низ сите искушенија ако треба да поминеме за да станеме членки во тие две организации се разбира не по цена на губење на идентитетот“, посочува Пендаровски.
Инаку, за Пендаровски отворањето на клубот со името на Ванчо Михајлов за него е спорен поради две причини и тоа името на клубот како и составот на делегацијата од Бугарија која присуствуваше на отворањето на тој клуб.