ОМО Илинден – Пирин: Во Бугарија ИМА и ЌЕ ИМА Македонци

Не е некаква вредност и важен гласот на оние кои негираат, туку гласот на оние кои се самоопределуваат и ќе продолжат да се самоопределуваат како Македонци, како што се нивните татковци и дедовци, се вели во реакцијата на партијата на Македонците во Бугарија ОМО Илинден ПИРИН на изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков дека во Бугарија нема македонско малцинство и дека за таа тема не можело да има дискисии. Реакцијата ја пренесуваме во целост.

„За жал, со изјавата дека во Бугарија нема македонско малцинство, бугарскиот премиер Кирил Петков се приклучи на тоталитарната штафета започната од Тодор Живков и пренесена како срамна зараза преку Борисов и Каракачанов па сѐ до него. Срамно друштво и срамна болест. И срамен почеток на премиерскиот мандат на кого се полага толку многу надеж. Но, што може да се очекува кога е во коалиција со толку духовни внуци на Тодор Живков?

Колку е апсурдно чувството да се кажуваат очигледни лаги во кои никој освен измамените граѓани на Бугарија не верува?

Прогонот и асимилацијата врз македонското малцинство беше првиот преродбенски процес што го започна Тодор Живков и единствениот кој сѐ уште не е запрен или осуден. Ова е последната тоталитарна политика во Европската Унија и како таква е бугарски срам за Европа.

Негирањето на македонското малцинство во Бугарија е срам за бугарската држава и демократија.

За жал, во Бугарија лагата е претворена во национално достоинство, беззаконието во ред, кршењето на човековите права во морал, асимилацијата и дискриминацијата во животни работи.

Но, не само Петков, туку милиони ќе ја повторат лагата дека во Бугарија нема македонско малцинство, ова нема да ја направи вистина, ниту пак да ги снема Македонците. Зборовите на оние кои ја негираат вистината немаат моќ да ја сменат реалноста дека во Бугарија има и ќе има македонско малцинство. Затоа што не е некаква вредност и важен гласот на оние кои негираат, туку гласот на оние кои се самоопределуваат и ќе продолжат да се самоопределуваат Македонците, како што се нивните татковци и дедовци.

Колку побрзо Бугарија се ослободи од лагата дека нас нѐ нема и од останатите лаги за Македонија и Македонците, толку подобро ќе биде и за неа и за сите граѓани на Бугарија и на Балканот.

На премиерот му посакуваме брзо закрепнување од овој срам и од оваа болест! Вакцина против тоа е вистината. Друго нема“, се вели на крајот од реакцијата на ОМО Илинден-ПИРИН.

Извор: СлободенПечат

Коментари

коментари

error: Content is protected !!