Што се случува со PCR лабораториите во Македонија? – јавно прашува биоинженерот д-р Горан Кунгуловски, кој забележува недоследности во резултатите од тестирањата за коронавирус на водечките македнски лаборатории.
-Ако се анализираат јавно достапните податоци од ИЈЗ и се направи анализа на PCR позитивни резултати од вкупен број на тестови во текот на најсилните бранови на пандемијата, излегува дека има силна неконзистентност и нескладност помеѓу PCR лабораториите во Македонија.
-Aко ги земеме последните девет дена кога букна омикрон сојот во Македонија, ќе утврдиме дека една група на лаборатории меѓу кои и референтната ИЈЗ-Вирусологија имаат стапка на позитивни PCR тестови од ~22-35%, додека некои други лаборатории имаат стапка на позитивни PCR тестови од 0.5-3.5%. Што можат да бидат причините за нескладност од 10-44 пати помеѓу лабораториите?, напиша д-р Кунгуловски на Фејсбук.
Тој ги анализира можните причини за големите разлики во резултатите.
-Едната група на лаборатории имаат далеку посензитивни тестови од другата група на лаборатории? Едната група на лаборатории не зема соодветно материјал за анализа, при што се јавуваат лажно негативни резултати.
-Eдна група на лаборатории тестира исклучиво симптоматски пациенти или пациенти коишто имале контакти со потврдени позитивни случаи, а додека пак другата група тестира пациенти коишто патуваат (тековно кај произволна популација PCR позитивитет треба да биде некаде меѓу 2-5%). Се случува нешто што не би сакал ни да го помислам, пишува д-р Кунгуловски.
Тој напомнува дека во анализите не се вклучени сите лаборатории што извршуваат PCR тестови, како и дека позитивните од Жан Митрев Струмица се пријавуваат преку Жан Митрев Клиник во МојТермин. Д-р Кунгуловски вели и дека додатни анализи треба да се направат и за претходните бранови, но и тогаш се појавуваат слични трендови.