вторник, 18 јануари, 2022

Ова е единствениот главен град во Европа кој организира дочек на новогодишната ноќ

Според некои проценки, за новогодишните празници во Белград ќе пристигнат најмалку 100.000 луѓе, бидејќи најлудата ноќ сакаат да ја поминат на платото пред Собранието и Савската променада каде се организира дочекот на Нова година или во некое од кафулињата и рестораните во главниот град на Србија, јави допсиникот на МИА од Белград.

По денешната седница на Кризниот штаб и покрај барањата на лекарите од Здружението против коронавирус за забрана на организирани масовни собири, членот на Кризниот штаб епидемиологот Дарија Кисиќ Тепавчевиќ изјави дека е заклучено сите мерки што важеа досега треба да продолжат и во следниот период, додавајќи дека носењето маски и физичката дистанца даваат резултати.

Началникот на белградската комунална милиција, Иван Дивац апелираше до сите да не го злоупотребуваат фактот дека Белград е „единствениот главен град во Европа што може да организира дочек на новогодишна ноќ“.

– Ќе ги контролираме ковид-сертификатите од 20 часот. Досега забележавме дека огромно мнозинство луѓе имаат сертификати, каде што ги нема, се санкционираат, како и угостители каде што е нивен пропуст, а казните не се мали, забележа Дивац.

Тој посочи дека сака да верува оти сите ќе се придржуваат до мерките, а бидејќи не се сигурни ќе контролираат.

– На терен ќе има 30-тина патроли на комуналната милиција. Не знам што ќе најдеме, но знам дека ќе постапиме согласно мерките што се во сила. Нема да влеземе во секој локал, туку ќе го контролираме огромното мнозинство, кажа Дивац.

Никој никого не „го принудува“ да дојде на новогодишната ноќ, туку граѓаните сами одлучуваат како ќе ја дочекаат, изјави денеска заменик градоначалникот на Белград, Горан Весиќ.

Тој така одговори на прашањето на новинарите зошто Градот со организирање на новогодишни прослави на повеќе места „свесно ги турка луѓето да се разболат или да заразат други луѓе“ ако медицинскиот дел од Кризниот штаб се противи на јавните собири.

– Никој никому не му дал работна обврска, никој никому не забранил и никој никому не му наредил да дојде на дочекот, како што никој не им наредил да мора да дојдат на протести, натпревари… каде луѓето самостојно одлучуваат дали ќе дојдат, свесни за сите последиците што би ги имале, изјави Весиќ.

Тој додаде дека Градот Белград ги почитува сите епидемиолошки мерки и наведе дека на прославата на дочекот ќе бидат поделени 50.000 заштитни маски, како и дека ќе бидат поставени два пункта за антигенско тестирање и дека, доколку се побара, просторот каде што ќе се одржува дочекот ќе биде ограден.

Покрај бројните ресторани, кафулиња, сплавови, пред Собранието на Србија за новогодишната ноќ ќе настапат Сара Јо, Марија Шерифовиќ и Јелена Карлеуша, а друга локација на која ќе се организира концерт е шеталиштето на Сава, каде Горан Бреговиќ ќе ги забавува посетителите. Покрај Бреговиќ, на просторот меѓу Стариот Савски мост и зградата Резиденс со почеток во 20 часот ќе настапат и Младен Војичиќ Тифа, Саша Ковачевиќ, Анѓелина и Чоби.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!