понеделник, 15 август, 2022

Јанкулоска сведочеше како донатори му давале пари на Груевски

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска на барање на Обвинителството сведочеше на рочиштето “Плацевите на Водно”, односно за тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски, објави Фокус.

Таа беше спроведена од затворот „Идризово“ каде издржува затворска казна од четири години за набавка на блиндираниот „мерцедес“. Јанкулоска од обвинителката Лиле Стефанова беше распрашувана за начинот на кој се финансирала ВМРО-ДПМНЕ, во насока да се докаже тезата на обвинителството дека Груевски парите за плацевите на Водно ги обезбедил од партиската каса.

Јанкулоска истакна дека таа може да зборува за периодот кога таа била генерален секретар на партијата, во периодот од 2004 до 2006 година.

-Партијата во тој период имаше сериозни потешкотии во обезбедување на финансиски средства. За разлика од регулативата која е денес, партиите да се финансираат од буџетски средства, тогаш не беше така. Тогаш се финансираше преку донации, односно на доброволна основа ги даваа физички лица, рече Јанкулоска.

Таа појасни дека дел од донаторите сакале да бидат анонимни.

-Донаторите беа прилично воздржани, бидејќи партијата беше во опозиција, па не сакаа јавно да се знае дека се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Па се случуваше донаторот да разговара со претседателот на партијата, да ја истакне волјата да донира, па претседателот ги договараше начинот и условите како можат да и помогнат на партијата, се присети Јанкулоска.

Таа истакна дека се случувало Груевски да ја повика додека е на состанок со некој од донаторите.

-Тогаш ми кажуваше дека тој и тој сака толку и толку да донира за партијата. Некогаш донацијата била дадена истиот ден, или се случувало да ги остават парите на претседателот ако не сум била таму.Регулативата беше полабава. Се водеше неформална евиденција, но на некои им издававме и каса прими. Не беа големи суми, тие се користеа за тековно работење на партијата, за канцелариски материјали, бензин… сведочеше Јанкулоска.

Обвинителката Стефанова ја праша дали кога парите му ги давале лично на претседателот Никола Груевски, дали таа имала сознанија за висината на донираната сума?

-Јас имав евиденција за сумата која ќе ми се дадеше на мене, за тоа дали се договарала повеќе или помалку, тоа не знам, одговори поранешната министерка.

Таа на прашање одговори и дека во нејзината канцеларија имала два сефа.

-Да, имаше два сефа во мојата канцеларија, едниот беше голем, масивен, од 1,5 метри и мало сефче, како каса, и се чуваа парите кои се користеа на дневна основа. Големиот сеф практично не беше во функција, бидејќи не беше отворан. Ниту сум знаела шифра, ниту пак сум имала клуч, рече Јанкулоска.

Таа дополни дека, во старото седиште на партијата, имало повеќе сефови во повеќе канцеларии.

-Мислам дека имаше сеф и во канцеларијата на претседателот, рече Јанкулоска.

Во „Плацови на Водно“ Груевски е првообвинет и му се суди во отсуство. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3

милиони евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.

Покрај Груевски обвинети се бизнисменот Орце Камчев, неговата мајка Ратка Куновска-Камчева, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!