среда, 1 декември, 2021

ЗАГРИЖУВАЧКО СООПШТЕНИЕ НА СЗО: Европа е единствениот регион каде што расте бројот на новозаразени од октомври

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека минатата недела бројот на случаи на заразени со коронавирус се зголемил за 11 отсто во Европа, единствениот регион во светот каде што бројот на заразени продолжува да расте од средината на октомври.

СЗО во неделниот извештај за пандемијата објави дека бројот на нови случаи на инфекција и смртни случаи од последиците на коронавирусот ширум светот се зголемил за околу шест проценти.

Минатата недела беа пријавени 3,6 милиони нови инфекции и 51.000 смртни случаи.

Директорот на СЗО за Европа Ханс Клуге предупреди дека доколку не се преземат итни мерки наскоро, Европа би можела да забележи уште 700.000 смртни случаи до пролет.

-Европскиот регион останува во канџите на пандемијата на Ковид-19, рече Клуге.

Тој ги повика европските земји да ја забрзаат вакцинацијата и да преземат други мерки, како што се задолжително носење маски и физичка дистанца, за да се избегне употребата на последното средство – целосно затворање.

Тој додаде дека повеќе од милијарда дози вакцини се дистрибуирани низ европскиот регион на СЗО, кој се протега од Централна Азија, и оти стапката на вакцинација е меѓу 10 и 80 проценти.

На глобално ниво, според СЗО, бројот на новозаразени лица се намалил за 11 отсто во Југоисточна Азија минатата недела, а за девет отсто на Блискиот Исток.

Најголем пад на бројот на починати од коронавирусот, 30 отсто, минатата недела е забележан во Африка.

Во Северна и Јужна Америка бројот на заразени е стабилен, а бројот на починати е зголемен за 19 отсто.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!