вторник, 18 јануари, 2022

НАУЧНИЦИТЕ ЗАГРИЖЕНИ: Во светот и кај нас доминира „ДЕЛТА“ сојот – ЕВЕ што е познато

Варијантата делта на вирусот САРС-КоВ-2 во моментов е глобално одговорен за речиси сите инфекции со коронавирус, предизвикани од неконтролираното ширење на коронавирусот во многу делови од светот.

Засега вакцините се уште се ефикасни и можат да не заштитат од посериозни болести и смрт од последиците од инфекцијата со варијантата делта, но научниците се претпазливи.

Еве што е досега познато.

Варијантата делта, која првпат е откриена во Индија во декември 2020 година, останува верзијата на вирусот САРС-КоВ-2 што најмногу ги загрижува научниците.

Светската здравствена организација ја класифицира како варијанта „причина за загриженост“, што значи дека може да го зголеми преносот на вирусот, да предизвика потешка форма на болеста или да ги намали придобивките од вакцините и третманите.

„Супермоќта“ на Делта е нејзината преносливост, вели Шејн Кроти, виролог од Институтот за имунологија Ла Јола во Сан Диего.

Делта е повеќе од двапати позаразна од претходните варијанти на САРС-КоВа-2, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Студиите сугерираат дека луѓето заразени со делта имаат поголема веројатност да завршат во болница отколку оние заразени со претходните форми на вирусот.

Делта може да предизвика симптоми два до три дена порано од оригиналниот коронавирус, давајќи му на имунолошкиот систем помалку време да се подготви за одбрана.

Заразените со делта варијантата во носната празнина носат околу 1200 пати повеќе вируси во споредба со оригиналната варијанта на коронавирусот.

Количината на вирусот кај вакцинираните луѓе кои се инфицираат со делта е еднаква на онаа на невакцинираните луѓе и двете групи можат да го пренесат вирусот на други.

Но, за разлика од невакцинираните луѓе, кај вакцинираните лица количината на вирусот се намалува побрзо. Научниците велат дека тие го шират вирусот многу пократко.

Според СЗО, делта сочинува 99,5 отсто од сите геномски секвенци пријавени во јавните бази на податоци и ги „надмина“ другите варијанти во повеќето земји.

Исклучок е Јужна Америка, каде делта постепено се шири, а другите варијанти, кои претходно се сметаа за можни глобални закани – особено гама, ламбда и му – продолжуваат да придонесуваат за значителен дел од пријавените случаи на инфекција.

Со оглед на глобалната доминација на делта, многу експерти за вакцини сега веруваат дека сите идни варијанти ќе бидат нејзини подваријанти.

Една од нив е позната како AY.4.2 и е концентрирана главно во Обединетото Кралство, каде што, според најновите податоци, сочинува приближно 12 проценти од секвенционираните примероци на вирусите.

AY.4.2 носи две дополнителни мутации во шилестиот протеин, кој вирусот го користи за да навлезе во клетките. Научниците сè уште ги проучуваат придобивките од мутациите.

Агенцијата за здравствена безбедност на Британија го одредила AY.4.2 како „варијанта под истрага“.

Прелиминарната анализа сугерира дека не ја намалува значително ефикасноста на вакцините во споредба со делта, но има докази дека оваа подваријанта може да биде попренослива, но не е докажано дека предизвикува потешка болест или дека реагира помалку добро на вакцините од делта.

Според СЗО, AY.4.2 се проширил во најмалку 42 земји, вклучително и Соединетите Американски Држави.

Британската подваријанта на делта има помала веројатност да резултира со симптоматска инфекција со ковид, покажала неодамнешната студија за преваленцата на коронавирус.

Студијата на научниците од Империјал колеџот во Лондон наречена REACT-1, чии резултати се објавени вчера, покажала дека подваријантата AY.4.2 пораснала на речиси 12 проценти од секвенционираните примероци, но само една третина од заразените доживеале „класични“ симптоми на ковид во споредба на речиси половина од оние со моментално доминантна делта AY.4.

Студијата REACT-1, исто така, покажала дека „засилувачките“ дози на вакцината го намалуваат ризикот од инфекција кај возрасните за две третини во споредба со луѓето кои примиле две дози.

Експертите за вируси внимателно го следат развојот на делта, барајќи каков било знак што би укажал дека таа успеала да мутира со пробивање на имунолошката заштита обезбедена од вакцината или природно заразената инфекција.

И покрај тоа, иако постоечките вакцини го спречуваат развојот на потешките форми на болеста и смртта од Ковид, тие не ја спречуваат инфекцијата. Вирусот сè уште може да се размножува во носната шуплина – и меѓу вакцинираните, кои потоа можат да ја пренесат болеста преку ситни аеросоли.

Веројатно ќе биде потребна целосна генерација вакцини кои ќе го спречат преносот на вирусот за целосно да се победи SARS-CoVom-2, рече д-р. Грегори Поланд, еден од научниците кои работат во клиниката Мајо за да развијат нови вакцини.

„За жал, дотогаш светот е сè уште ранлив“, заклучува Поланд.

Извор: kanal5.com.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!