среда, 1 декември, 2021

Предновогодишни ЖУРКИ ЌЕ ИМА, но САМО за ВАКЦИНИРАНИТЕ – Построги контроли за почитување на мерките

Во угостителските објекти годинава ќе се организираат предновогодишни забави и журки, но само за вакцинираните. Во рестораните, кафеаните и кафулињата согласно постојните протоколи се дозволува организирање на музички настани со настап на музички уметници.

И министерот за здравство Венко Филипче смета дека засега нема потреба од нови рестриктивни мерки, бидејќи сегашните се сосема доволни, но оти треба да се почитуваат. Од понеделникот во угостителските објекти може да се влегува само со сертификат за примени две дози вакцина или потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена.

Угостителите сметаат дека оваа мерка е уште еден удар врз нивниот бизнис, но очекуваат Владата да најде начин да им ги надополни штетите кои се нанесени со ова мерка. Сепак се задоволни што нема нови рестриктивни мерки и што ќе може да се организираат предновогодишни забави и настани.

– Согласно точката 13 од постојните протоколи се дозволува организирање на музички настани со настап на музички уметници во угостителските објекти. Не гледаме причина зошто да не се дозволи организирање на сите предновогодишни прослави и забави кога секако во угостителските објекти е дозволен влез само на целосно вакцинирани лица, односно лица кои прележале ковид-19 во последните 45 дена.

Моменталните најави за нови порестриктивни мерки од страна на министерот за здравство Венко Филипче се однесуваат на невакцинираните лица. Во моментов нема никаква причина да се заоструваат или прошируваат мерките и забраните за угостителските објекти. Доколку во било кој момент Владата одлучи за воведување на нови мерки, а притоа за истите донесе одлуки да бидат пропратени со соодветна помош и поддршка за надомест на штетите и загубите што угостителите би ги трпеле само би се задал нов удар врз угостителската индустрија со што повторно ќе биде доведен во прашање опстанокот на целокупниот сектор, вели за ВЕЧЕР, Здравко Јосифовски претседател на Независната угостителска комора.

Од НУК предлагаат во кафулињата и рестораните да се дозволи влез и со негативен ПЦР тест исто како што се влегува на граничните премини. На овој начин невакцинираните, на кои во моментов им е забранет влез во угостителските објекти, нема да бидат дискриминирани и ќе може да одат на предновогодишни забави и настани.

-Во повеќе наврати од донесувањето на мерката со која се дозволи влез во угостителски објекти само со сертификат укажувавме дека мерката е неприменлива затоа што угостителите, односно наметнатите задолжителни редарски служби, немаат законска основа да вршат увид или проверка на исправноста на сертификатите. Од оваа причина угостителите, односно редарите, имаат само за обврска да проверат дали гостите имаат или немаат сертификат без да навлегуваат во содржината на сертификатот додека за проверка на содржината на сертификатот единствени надлежни се овластени лица од МВР, велат од НУК.

За разлика од кај нас, земјите во регионот воведоа нови рестриктивни мерки пред Нова година. Црна Гора забрани новогодишни прослави на отворено, свадби на отворено и во затворени простории, како и работа на ноќни клубови. Во Србија пак по 20 часот неопходно е да се има ковид пропусница за да се влезе во угостителските објекти, обложувалниците, казината, коцкарниците, слот-клубовите и другите објекти каде се приредуваат игри на среќа. И во Хрватска и Словенија се бара ковид-потврда за влез во угостителски објекти, а има забрана и за големи народни собири.

Извор: vecer.press

Коментари

коментари

error: Content is protected !!