




Слободни и фер избори на кои граѓаните уште помасовно излегоа од првиот круг да го искористат демократското право и самостојно да одлучат за тоа кој ќе ги предводи општините во наредните четири години, рече портпаролот на ДУИ Бујар Османи по завршување на гласањето во вториот круг од локалните избори.
-Резултати ќе пристигнуваат во секој момент, но дозволете честитката за вистинска победа да ја пренесам на сите нас, пред се на граѓаните, државата, институциите на сите нас кои на било каков начин учествувавме на изборите, истакна Османи на прес-конференцијата во партиското седиште.




Османи оцени дека изборите беа исклучително фер, слободни и компетитивни.
-Секој кандидат имаше еднаква можност да ги претстави своите амбиции и својата програма и граѓаните добија сеопфатна слика за понудите, и со тоа, нивната одлука на избориве ја сметам за информирана, автентична и политички целосно легитимна.




Избраните советници и градоначалници во првиот круг заедно со овие денес, кои добија мандат од граѓаните, од денес имаат суштинска политички легитимитет со полн авторитет, да ги преземат функциите и да ги спроведат политичките ветувања пред граѓаните, истакна Османи.




Освен на неговата партија, тој им ги честиташе успешните избори и на политичките конкуренти.
-Фактот што имавме успешни избори претствува севкупен политички успех преку кој Северна Македонија потврди дека е зрела демократија, земја членка на НАТО и кандидат за ЕУ. На овие избори зелената агенда претставува најкреативна и најуспешна понуда кој масовно беше прифатена. Таква тенденција имаме и во вториот круг. Локална власт е избрана и од утре ќе треба да е справува со локални предизвици, како и централната власт со своите предизвици, посочи тој.




Османи истакна дека ни претстои мирен период без избори во наредите три години, што, според него, ќе биде вистинска можност да се оствари широка политичка соработка за стратешките интереси на државата и сите граѓани.




Извор: 24.mk