понеделник, 18 октомври, 2021

Проф. д-р Софијанова во дискусија на Лекарска комора: Ковид -19 кај деца, од асимптоматска болест до мултисистемско засегање

22.09.2021, Скопје – Вирусот SARS-CoV-2 кај децата најчесто дава полесна клиничка слика која се третира само со симптоматска терапија. Но неопходно е секој случај внимателно и претпазливо да се следи и доколку се забележи влошување на здравствената состојба, да се направат дополнителни испитувања кои би укажале на посериозни синдроми и состојби, како што е мултисистемски инфламаторен синдром, истакна проф. д-р Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болести и претседател на Здружението на педијатри, која беше дел од неделните онлајн дискусии кои Лекарската комора ги организираат со цел да се олесни комуникацијата и размената на искуства и знаења за превенција и третман на Ковид 19 меѓу лекарите од сите нивоа на здравствениот систем.
Проф. Софијанова на почетокот на настанот истакна благодарност до Лекарска комора за европски и напреден начин на делување и можности за зближување на основ на стручност и професионалност и истакна дека во предавањето кои го презентираа се споделуваат искуствата и сознанијата на престижни педијатриски центри за лекување на Ковид 19, искуства од Клиниката за детски болести, како и податоци објавени во релевантни научни студии.

„Кај децата Ковид 19 обично е благ и се лекува со симптоматска терапија. Но ако состојбата се влошува и фебрилноста трае повеќе од три дена, треба да се размислува и за дополнителни испитувања бидејќи во ретки случаи, децата можат да бидат сериозно погодени, а клиничките манифестации може да се разликуваат од возрасните. Во април 2020 година, извештаите од Обединетото Кралство документираа презентација кај деца слична на нецелосна Кавасаки болест или синдром на токсичен шок. Оттогаш, има извештаи за слично погодени деца во други делови на светот. Состојбата е наречена мултисистемски инфламаторен синдром кај деца“, истакна проф. д-р Софијанова.

Мултисистемски инфламаторен синдром се јавува кај деца кои биле асимптоматски случаеви, или имале блага клиничка слика, а по период од две до четири недели развиваат болест, односно нова состојба која се манифестира пред сè со многу висока температура, над 39 степени па и 40 степени која трае повеќе денови и која не се спушта со антипиретици.

„Се јавуваат промени по кожата од типот на осип кој се јавува на лицето, на рацете, на телото, може да имаат и осип во устата, очите стануваат црвени, конјуктивите се хиперемични, настанува и воспаление на белите дробови, срцева слабост, тахикардија, бледило на кожата. Мултисистемски инфламаторен синдром предизвикува кај децата и стомачни тегоби, болки, гадење, повраќање, ентероколит, како и бубрежна инсуфициенција, пореметување на коагулација на крвта, пореметување на свеста, главоболки и грчеви“, истакна проф. д-р Софијанова.

Кога се во прашање на пост-ковид состојби проф. д-р Софијанова и дека праксата покажува и зголемен број на деца со воспаление на слепо црево, зголемен број на случаи со јувенилен дијабетес, како и пораст на малигни заболувања.

Но сепак ќе треба дополнителни истражувања за да може да се потврди дали постои нивна поврзаност со Ковид 19. Во однос на вакцинацијата таа истакна мислење на целосна поддршка за вакцинација на децата над 12-годишна возраст како и оние кои имаат хронично заболување.

Претседателот на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова истакна дека пост-ковид заболувањата се сериозен предизвик со кој допрва ќе треба справуваат пациентите, здравствените професионални и здравствениот систем.

Лекарска комора досега организираше 15 онлајн дискусии на различни теми поврзани со превенција и третман на Ковид 19.

Извор: centar.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!