понеделник, 15 август, 2022

Внукот на ТИТО наскоро ПОЗАДИ РЕШЕТКИ – Ќе го бара Интерпол

Едвард Броз ѝ е недостапен на Србија, каде што беше осуден на правосилна казна за тешка сообраќајна несреќа, извршена во 1992 година. Постои сомнеж дека се крие во Хрватска, пренесува мкд.мк.

Интерпол наскоро треба да распише потерница за Едвард Броз (70), внук на Јосип Броз Тито, за неодѕивање за издржување осуммесечна затворска казна за предизвикување сообраќајна несреќа во која

загина Гојко Поповиќ во 1992 година, дознава српска Политика. Според весникот, Министерството за правда побарало од основниот суд во Белград, кој е надлежен за извршување на казната, да издаде меѓународна потерница по Броз.

„Пресудата на Високиот суд во Белград донесена против Едвард Броз стана правосилна на 15 април годинава, а извршната на 4 јуни. По стекнувањето на законските услови, пресудата е предадена на извршување до Вториот основен суд. За ова беше информиран и Секторот за меѓународна правна помош на Министерството за правда“, рекле за Политика од Високиот суд во Белград.

Пред два дена Министерството за правда побарало согласност од Вториот основен суд за издавање меѓународна потерница по Броз. Наскоро може да се очекува одлука.

Според неофицијални информации, Броз се наоѓа во Хрватска, чиј државјанин е.

Прашањето е дали може да биде екстрадиран во Србија, имајќи предвид дека Договорот за екстрадиција меѓу Хрватска и Србија подразбира екстрадиција само за дела од областа на организираниот криминал и корупцијата.

Едвард Броз беше осуден на осум месеци затвор откако беше прогласен за виновен за предизвикување сообраќајна несреќа во Земун на 20 август 1992 година, во која загина негов пријател. Според обвинението, тој со својот автомобил претекнувал „југо“ и автобус што сообраќал на градската линија и се судрил со друго возило. Сопатникот во возилото на Броз починал на лице место.

За време на судската постапка било утврдено дека имал 2,05 промили алкохол во крвта во моментот на несреќата.

Веднаш по несреќата во Земун, Броз, според неофицијални информации, побегнал во Хрватска, но бил уапсен на 21 јануари 2008 година на граничниот премин Батровци, кога се обидел да влезе во Србија. Три дена подоцна, тој бил пуштен да се брани од слобода, но неговиот пасош бил одземен и му било наредено 15 дена да се јавува во полиција.

На крајот на март 2008 година, Броз се појавил на почетокот на судењето пред Високиот суд во Белград и ја изнел својата одбрана и каење за смртта на неговиот пријател, но потоа повторно избегал. Судењето се одвивало во негово отсуство.

Извор: mkd.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!