понеделник, 26 јули, 2021

Слаткар: Кога ти се раѓа дете, сфаќаш дека си спремен да те нема само за него да му е добро!

Марко Маринковиќ – Слаткар, познат под сценското име Слаткаристика, е македонски рапер, продуцент, поп и хип-хоп пејач. Слаткар е еден од најпознатите и најдобрите рапери на балканот, кој, во својата кариера, има поминато многу, од прифаќања и обожувања до цензури и лош глас, но најубавата и најнова улога, која животот му ја додели, му се случи во 2020 година, Слаткар стана татко на Мoша. Минатата недела (04.07.2021) во „G Carpet” откривме многу пикантерии за неговиот приватен живот но и за неговата најважна улога – родителството.

Уште на самиот почеток откри од каде потекнува и каде го има поминато своето детство. Марко е роден во Ѓорче и првите училишни денови ги поминува токму таму а потоа се преселува во Ново Лисиче.

„Искуството со родителството во 2020 година, поради тоа што беше пандемиска година е тешко – убаво. Тешко поради тоа што си константно под стрес, константно мислиш, константно пратиш, што може да се случи, недај боже да се заразам па да го заразам и него.

Кога ти се раѓа дете сфаќаш, дека си стварно спремен да те нема само за него да му е добро. Тоа е чувство што не може да се спореди со ниту една друга љубов, ти ги сакаш твоте дома, ја сакаш жена ти но оваа љубов е сосема поразлична и безусловна. Генерално овој период го поминавме многу стресно но сега е подобро. Се гледа светло на крајот од тунелот, само се надевам дека тоа светло не е воз со овој новиов, индиски сој на Корона.”

„Зошто баш името Моша”

„Моша е старо, еврејско име и во фамилијата на мојата сопруга тој е осми Моша. Нас многу ни се допадна името, кај евреите се гледа по мајка, така што син ми има еврејско име и е евреин. Но генерално тој ќе си биде што сака. Тој е дете од мешан брак исто како и јас, и никој нема да му каже ниту нему, како што не ми рекле ниту мене, што треба да биде, едноставно ќе си се изгради во личност каква што тој сака да биде.”

„ „Кажи да” и ја посвети на Сања, со таа песна ја побара за жена и го изгривате првиот свадбен танц на неа, „Да полетам” му ја посвети на твојот покоен татко, ќе добие ли и Моша своја песна?”

„Јас веќе имам спремно песна, нема во песната да се пее цело време за Моша, ама јас мислам дека ќе добие многу песни тој од мене, ми буди убави емоции констатно, понекогаш знае и да ме изнервира но премногу е мал за да добие по некоја „воспитна”.”

„Хип – хоп револуцијата ја правиш во 2009 година, и наеднаш почнуваат да те цензурираат. До тогаш имаше невидени текстови, те слушаа сите од 7 до 77 години, пишуваше храбри текстови. Ти пречеше цензурата од телевииите, радиата и многу мајки кои сметаа дека нивните деца не треба да доаѓаат на твоите концерти?”

„ Па да, не е дека нешто ми пречело да не можам да спијам ама генерално ми беше проблем, направив и една песна баш за овој проблем, таа беше посветена на сите радиа кои ме цензурирале. Ама генерално јас излегов во време на You tube, таму цензура нема. Тука многу убаво поминав и парите што ги земам сега од тоа се фини. Но, во тоа време беа помали парите ама во секој случај ,нам, You tube ни помогна многу, и сите мои песни беа чуени баш такви какви што се.”

За младите рапери Слаткар вели дека се одлични, во сите нив гледа дел од себе, гледа дека некако им влијаел. Генерално му се допаѓа се’ што работат и им ја дава целосната негова поддршка и помош доколку им е потребна. „На нашите, постари, артисти им е многу тешко да признаат дека некој млад е подобар од нив, затоа младите изведувачи се соочуваат со проблемот да немаат поддршка. Тука, во нашата музика, на се’ се гледа како на натпревар. Јас никогаш не сум го имал тој натпреварувачки дух, никогаш не сум сакал да бидам како некој ниту пак сакам да се сменам со некој. Со никој не би се сменил во животот, не би го дал ова што го имама за ништо на светот. Јас не би се менувал ниту со Џеј Зи.”

За себе вели дека потекнува од скромно семејство, и дека има и текстови од песните во кои баш тоа го кажува. Тој е поет, и неговите најголеми дела потекнуваат од болка и вистинита животна приказна. Секогаш од семејството имал љубов но немал пари, бил сакано и среќно дете и благодарение на тоа што го немал во животот, станал тоа што е денес.

„Јас сум македонски артист и сакам да останам и да бидам запаметен како таков. Во Бугарија сум познат зошто нашиот јазик нив им е разбирлив, полесно не разбираат од србите.

Во Србија ништо од тоа што јас зборувам не им е јасно. Јас не сум пеач, да бев пеач ќе пеев на сите јазици и сите ќе ме разбереа, јас сум рапер и кога рапувам, рапувам со сленг. За ова што го работам јас да го направам на друг јазик, ќе треба да живеам во таа земја, да го доживеам нивното општество и секојдневие, да почнам да размислувам како нив за да можам да напишам нешто на тој јазик.”

„Ме викаат Слаткар, зошто како мал бев дебел, имав купено многу колачи и отидов на флипери. И кога ми бараа од колачињата ја на никој не давав, сите слатки беа за мене. Така станав и останав Слаткар.”

За нашиот спор со Бугарија, Слаткар вели дека сите треба да бидеме свесни дека не е тоа став на народот таму и не зависи ништо од обичните граѓани, тоа е политика и став на државата, а не на луѓето кои живеат таму. Тоа што се случува е навистина жално.

Неговата љубов со Сања е голема и не е сменета 15 години, и ден денеска е иста и романтична.

Негативните коментари не го погодуваат бидејќи не чита коментари веќе 10 години. Последен пат кога прочитал нешто, му доаѓало да оди од врата на врата и да ги прашува сите зошто така зборувале. На крајот на краиштата твоите дела зборуваат за себе и тоа што го правиш останува запишано во времето, апсолутно не е важно кој што зборува за тебе.

Извор: kanal5.com.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!