понеделник, 15 август, 2022

Седум компании казнети со вкупно 55 илјади евра за неправилности со увозот на мазут

Кај седум компании се констатирани пропусти со дистрибуирањето на мазут соопшти денеска министерот за за економија Крешник Бектеши објавувајќи го списокот со имиња.

Како што соопшти министерот Бектеши станува збор за РКМ Доел, Супертрејд, Евротим, Пертинакс Скопје, Ли-Оил, Блу Технолоџи и КА-Оил.

-Квалитетот на нафтените деривати што ги користат граѓаните, но и индустриските капацитети мора да бидат согласно највисоките стандарди за безбедност на производите. Со Законот за енергетика кој што беше усвоен пред две години, токму на ова и се обврзавме, а впрочем тоа се и директивите на Европската Унија со кои сме целосно усогласени, рече Бектеши.

Компанијата „Блу Технолоџи“, како што нагласи, продавала мазут ППД којшто не е деклариран во Правилникот за течни горива и на оваа компанија и е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ.

Кај компанијата „Санс АГ“ од Штип утврдено е производство на мазут од отпадни гуми и на неа и е изречена забрана за работа и поднесено е барање за одземање на Б интегрираната дозвола.

За овие две компании доставен е допис од Државниот пазарен инспекторат до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање на лиценца, поради производство на производ кој го декларирале како мазут, а не соодвествува со параметрите во Правилникот за квалитет на течни горива.

Неправилности се констатирани и кај компанијата „Евротим“ која беше спомената во истражувањето на ИРЛ. Оваа компанија увезувала мазут чии гранични вредности не одговараат со Правилникот. На неа и е изречена времена забрана за пуштање во промет на мазут. Двете цистерни од кои се земени мостри се вратени кај добавувачот, а дополнително земена е мостра и од складиштето на компанијата за што анализите се очекуваат во текот на денешниот ден.

Отстапување на параметрите во Правилникот во делот на поголем процент на вода се утврдени и кај пет цистерни на компанијата Супертрејд. Овие цистерни се вратени кај добавувачот, а при повторниот инспекциски надзор кај оваа компанија, земени се нови три мостри кои е утврдено дека се во согласност со Правилникот.

Прекршочни казни се изречени против седум комапнии и тоа РКМ ДООЕЛ, Супертрејд, Евротим, Пертинакс-Скопје, Ли-оил ДБ Кавадарци, Блу технолоџи и Ка-оил Енерџи Кавадарци, која вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.

Кај компанијата РКМ било утврдено дека декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен што значи дека еден производ е означен во фактурата, е друг е увезен. На оваа компанија и е наплатен царински долг и прекршоци во вкупен износ од над 24 илјади евра.

По објавувањето на истражувачката сторија на ИРЛ, Владата ги задолжи надлежните институции на достават информации за увозот на мазутот во земјава. По првичната анализа, беше побарано од овие институции да направат посеопфатна анализа која требаше да биде доставена во рок од седум дена. Вчера беше последниот рок за доставување на оваа анализа. Информациите од оваа анализа се објавени на денешната прес-конференција.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!