петок, 29 септември, 2023

ДВОРЦИТЕ НА БЕСНИТЕ КУЧИЊА

Страшни градби во Скопје си ги бараат сопствениците. Мериот тажи за Мијалков, си го бара газдата. Ги нема веќе батките пред Дистрикт во црни прилепени маички и сурово неодреден поглед. Тажно е без Мијалков пред Мериот. Не е да нема гужва, светат и блештат парфемите на излогот и ракописното Фламинго. Терасата пристојно наполнета со дами кои ја држат паметно цигарата пред странецот и шишето вино пред нив.

Мислиш разговараат за некоја научна теза и нејзините импликации по сувереноста на Македонија, девојката гестикулира, странецот мирно прима со главата. Се е тоа добро ама Саше го нема. Недостасуваа таа сила во интима и прашина позади. Ергелата со се сите асесоари, келнерите кои се виткаат и штиклите кои цупкаат. Во овој размер од елити не знаеш кој е во добивка кој зијан. Кој слави, кој тажи.

Реакциите после три години апсење одат во прилог на релативизација, сомнежот во договори и купување слобода веќе е лектира за трето одделение, ќефот на вмровците дека тој што ги закопал конечно игра хант во Шутка и мие чорапи со шверцери е покајание а пак реакциите на привидниот џет сет дека недостасува главната алка е посебна трагедија во линијата на мозаикот. Мериот е сува убавина створена токму од рацете на највредните работници во државата чија додадена вредност создава капитал во кој се башкарат најфините дами и господа чие име и презиме никогаш нема да го дознаат.

Малку далечната комшика на Мериот, уплашената „Бела палата“ дреме под очајот на оваа пролет без сонце, како дупла вдовица, и ги нема и љубовникот и швалерот. Будимпештанските сеанси покрај Дунав добро му доаѓаат на ликот кој е толку антиромантичен па тоа е чудо светско. Она тажи по него а тој во чардаш занос веројатно шлепа некоја туѓа Агнеса занесен од нејзините персонални квалитети. Белата палата е несреќна без своите неимари и резбари. Сега под нејзините иконостаси се молат деца чија величина не го надминува нивото на најневажниот играч во утакмица која завршила реми. Таму не е атрактивно ни внатре, ни во дворот. Моменталниот газда што го има изнајмено тој простор, одвреме навреме ќе застане пред него, ќе е пофали со новите рамки за очила и заминува во недогледот на лавиринтите кои објективно не умее да ги помине. А палатата сјае, силно фасадирана, далеку од нејзините класичи кои останаа во сопственост на државата, реплика на тежок фуш, паранормално и прастаро.

Има уште многу дворци и уште бесконечно многу кучиња чие беснило е дијагноза на ова наше друштво. Нивните Д Димери се таа национална коагулација чии тромбови заглавуваат на сите можни места кај што треба да се пројде.

Има денови, ќе има и текстови. Има будали ама има и архивари. Ова е еден мал почеток на нешто што е толку брутално воочливо и толку страшно и дај Боже неповторливо.

Ние остануваме на линија.

ПОТФАТ 25

Извор: Информа.мк

Коментари

коментари