СЗО: Богатите земји добиле 80% од вакцините, најсиромашните само 0,3

Светската здравствена организација (СЗО) проценила дека децата не треба да се вакцинираат против ковид-19 се додека не се вакцинираат старите лица и ризичните групи во сите земји.

„Би сакале да повториме дека приоритет треба да биде сите земји да примаат вакцина за високо ризичните групи пред да можат да се вакцинираат оние кои имаат многу помал ризик од инфекција“, рече Кејт О’Брајан, директор на СЗО за имунизација и вакцинација.

Предупредувањето доаѓа откако Канада ги одобрила вакцините Pfizer и BioNTech за адолесценти од 12 до 17 години во средата, со што стана првата земја што го сторила тоа.

Следната недела се очекува истото да го сторат и САД, а Германија најави дека ќе им ја понуди вакцината на сите над 12 години до крајот на август.

Проширувањето на кампањата за вакцинација на адолесцентите во побогатите земји може да ја зголеми нееднаквоста во дистрибуцијата на вакцините, што СЗО постојано го критикува.

„Откако вакцините ќе бидат дистрибуирани на соодветен и еднаков начин – така што секоја земја ќе добие доволно вакцини за приоритетните групи, ние силно ќе го поздравиме давањето на вакцините на помладите генерации“, рече О’Брајан, како што пренесе Франс Прес.

Лидерот на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус, денеска ги повика богатите земји-членки на Г7 да дадат апсолутен приоритет на еднаков пристап до вакцините, нагласувајќи дека сегашната состојба е „неприфатлива“.

„Најважното нешто што сега ни треба се вакцините, еднаквоста во вакцинацијата“, рече тој, додавајќи дека пандемијата одзема 100.000 животи неделно.

„Сите знаеме што треба да се направи за да се зголеми производствениот капацитет, а со тоа и имунизацијата во сите држави“, рече шефот на СЗО.

Тој истакнал дека „повеќе од 80 проценти од дозите на вакцини“ биле дадени во побогатите земји, додека најсиромашните примале само 0,3 проценти.

„Неприфатливо е, ваквиот јаз е неприфатлив“, заклучил лидерот на СЗО.

Извор: kanal5.com.mk

Коментари

коментари

error: Content is protected !!