Се отвораат плажите во Грција

По препорака од надлежната комисија за заштита на јавното здравје, грчката влада одлучи дополнително олабавување на мерките и отворање на организираните плажи, дел од судовите, дел од центрите за дополнителна настава и училиштата за странски јазици.

Утре се отвораат организираните плажи, а од понеделник почнуваат со работа и дел од судовите, но и центрите за дополнителна настава и училиштата за странски јазици со физичко присуство на учениците, но само оние што се поврзани со испити или со полагањето државна матура за упис на факултет.

Во интервју за грчката ТВ Мега, професорот д-р Јоргос Павлакис предупредува дека е можен нов бран пандемии во текот на летото, затоа што е невозможно да се предвиди каде и кога ќе се појават нови видови.

Сепак, како што претходно најави грчкиот премиер, Кирјакос Мицотакис, ова лето, Грција ќе ги прими сите туристи кои примиле и руска вакцина „Спутник V“ без никакви ограничувања. Тој подвлече дека состојбата со епидемијата во земјата е подобра, вакцинацијата е се побрза, а временските услови се идеални, што, како што рече, влева оптимизам дека Грција на 15 јуни ќе ја отвори туристичката сезона.

Исто така беше истакнато дека премиерот на тој начин даде до знаење дека Грција е подготвена за т.н. зелениот пасош да се активира порано, пред да заврши усовршувањето на сертификатот на европско ниво и дека секој што има сертификат за вакцина, негативен PCR или тест за антиген е добредојден.

Коментари

коментари

error: Content is protected !!